
Осаменоста и чувството на социјална изолација одамна се поврзуваат со полоша здравствена состојба, но нова студија објавена во научното списание Nature Communications открива колку е значајно тоа влијание и – што е особено интересно – како тоа се разликува во зависност од полот. Истражувачите анализираа податоци собрани од над 270.000 возрасни лица на возраст од 40 до 69 години и, за првпат, направија разлика меѓу два поима што често се поистоветуваат.
Социјалната изолација се однесува на објективно ограничени контакти и учество во општествени активности, додека осаменоста е субјективно чувство на отсеченост од околниот свет, без оглед на тоа колку поединецот е всушност социјално активен. Иако не се работи за иста работа, и двете состојби се штетни.
Сè на сè, студијата покажа дека социјалната изолација и осаменоста можат значително да влијаат врз очекуваниот животен век без болести“, изјави главниот автор на студијата, Лу Чи, професор на Универзитетот Тулејн.
Според резултатите, осаменоста и изолацијата ја „чинат“ личноста, во просек, околу шест години поминати без болест, при што подеднакво го нарушуваат физичкото и менталното здравје.
Податоците покажуваат дека полот игра значајна улога во тоа како осаменоста и изолацијата влијаат врз здравјето. Кај жените, кои често ѝ даваат предност на емоционалната поврзаност, менталното здравје е посилно поврзано со осаменоста, додека кај мажите е поизразена поврзаноста со социјалната изолација.
Конкретно, жените кои се соочувале со двата проблема изгубиле во просек 2,4 години добро физичко здравје и 3,7 години добро ментално здравје. Кај мажите соодносот бил поинаков: 1,7 изгубени години во однос на физичкото здравје, но дури 5,8 години во однос на менталното здравје. Студијата исто така покажа дека мажите генерално биле поподложни истовремено да доживуваат и осаменост и изолација, а истовремено имале послаба социјална, материјална и економска поддршка и пониски резултати во поглед на здравиот начин на живот.
Авторите на студијата објаснуваат дека причината за оваа разлика може да лежи во начините на кои мажите и жените бараат поддршка и постигнуваат психолошка благосостојба. Додека мажите повеќе се потпираат на физичко присуство и чести социјални интеракции, жените придаваат поголемо значење на емоционалната поддршка, што би можело да објасни зошто осаменоста поинтензивно влијае врз нив.

Македонски


