
Намалени се цените за партиципација на два важни теста за рано откривање на рак на грлото на матката, најави на денешниот брифинг со новинарите директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Едниот е Ликвид ПАП-от, чија цена е намалена од 2.200 денари на 1.250 денари. Значи намалувањето е над 40% и тоа истовремено е намалување на партиципацијата за корисничките од 250 на 150 македонски денари. Вториот тест чија цена се намалува е ХПВ генотипизацијата, чија цена се намалува од 5.500 денари на 3.310 денари, исто со околу 40%, а партиципацијата се намалува од 550 денари на 350 денари. Намалувањата на цените се направени врз основа на промена на трошоците за овие тестови и им се заблагодаруваме на здравствените установи што помогнаа да се ревидираат овие цени, изјави директорот на ФЗО, Клековски.
Целта на намалувањето на овие цени е тие да станат подостапни за граѓанките на Македонија. ФЗО има превентивна цел со матичните гинеколози за упатување на жените од 21 до 59 години на ПАП тест, со тоа што треба последниот ПАП да биде пред три години. Значи, кој немал ПАП во последните три години треба да биде упатен.
Целта е негде околу 140.000 ПАП – тестови спрема податоците што ги имаме, а во моментот се прават од сите програми заедно околу 70.000 теста. Морам да нагласам дека овие податоци се само од установи со кои Фондот има договор, не се од установи со кои нема договор – приватни здравствени установи, кажа Клековски.
Цената на стандардниот ПАП останува иста – 600 македонски денари.
Ревизијата на цените е пресметана врз основа на реалните фактурирани услуги во 2025 година. Анализата на ФЗО покажува дека со задржување на истото ниво на финансирање, бројот на достапни тестирања значително се зголемува:ХПВ тестирање: од 13.466 тестови на 22.375 тестови годишно – зголемување од 8.909 тестови (+66,2%), Ликвид ПАП цитологија: од 2.427 тестови на 4.271 тест годишно – зголемување од 1.844 тестови (+76,0%)
Ова значи дека за ист финансиски влог значително поголем број жени ќе можат да бидат опфатени со скрининг, вклучително и жени кои досега поради финансиски причини не пристапувале кон овие превентивни прегледи.
Во недостаток на гинеколози и цитолози (или патолози), Ликвид ПАП-от е иднината, условно да кажам, на ПАП-от, бидејќи овозможува употреба на вештачка интелигенција и трпи позначаен транспорт отколку обичниот ПАП. А ХПВ тестот е тестот на иднината бидејќи има поголема точност, има точност од 95% и не мора да се прави на три години, може да се прави на пет години. Меѓутоа, за да стигнеме до таа цел, мораме да работиме на намалување на цените. И можам да кажам дека со истиот буџет што го имаме во моментот, со намалената цена на ХПВ тестот, можеме да го зголемиме тестирањето од околу 13.000 на 22.000 тестирања, кажа Клековски.
Ликвид ПАП е понова верзија на класичниот ПАП тест за откривање промени на грлото на матката. Наместо клетките да се нанесат директно на стакленце, тие по земањето се ставаат во специјална течност и се испраќаат во лабораторија за анализа.
Предности на Ликвид ПАП се: дава почист и поквалитетен примерок за анализа, помала е веројатноста примерокот да биде неупотреблив, полесно се откриваат преканцерозни и канцерозни промени. Од истиот примерок може да се направи и HPV тестирање без повторно земање брис.
Клековски објасни дека во следниот период сакаат да има што повеќе Ликвид ПАП, бидејќи технички и технолошки е поедноставен за да се стигне до побрзи резултати.
Знаете дека брзината на резултатите е многу важна. А понатаму, со развој на можностите, полека размислуваме за ХПВ тестот како стандард за рано откривање на рак на грло на матка. Јас го ставам акцентот на овој тип на рак, бидејќи овој тип на рак, заедно на пример со меланомот, се ракови што комплетно можат да бидат рано откриени и за ниска цена на рано откривање да спасиме животи и да заштедиме многу финансии на Фондот, кажа Клековски.
Клековски информираше и за пациентите со епилепсија кои се соочуваат со подолготраен недостаток на лекот „Топирамат“, или попознат по брендот „Тирамид“ дека е надминат проблемот на тоа што „тирамид“ на „Белупо“ престана да се произведува. Воведен е нов лек – „Тирамид“ на Фарма Вита, и тој од понеделник ќе биде достапен во аптеките на позитивна листа.

Македонски



