Skip to main content

Лекари од јавните и приватните установи се во интерната комисија која ја формираше Министерството за здравство, Алиу очекува објективни резултати

Министерот за здравство, Азир Алиу утрово одржа состанок со интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата. На состанокот присуствуваа и заменик министерот, Јовица Андовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година во приватните и јавните здравствени установи.

Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството“, порача пред членовите на комисијата министерот Азир Алиу.

фото: Министерство за здравство

Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ (д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска), Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство (д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама).

фото: Министерство за здравство

Истовремено, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.

фото: Министерство за здравство

Процесот ќе биде максимално транспарентен. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб страницата на Министерство за здравство, додаваат од МЗ.

Вчера Алиу имаше средба со д-р Сашко Кедев, на која беа разменети информации во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиохируршки интервенции кај пациенти во приватните болници, соопшти Министерството за здравство.

Претходно од МЗ соопштија дека сксперти од Словенија, Италија, Австрија или Германија ќе утврдуваат дали се правеле непотребни операции во приватните болници. Листата со имиња на странските експерти, како што најави министерот за здравство Ази Алиу, треба да биде комплетирана денеска.

Министерството за здравство со нив ќе потпише договор со цел да утврдат дали се вршеле непотребни интервенции кај пациенти во приватните клиники.

Одлуката за ангажирање на странски експерти, според министерот Алиу, е заради поголема објективност и утврдување на вистинската слика.

Министерот нагласи дека приватните здравствени институции ќе мора задолжително да ги отворат нивните бази на податоци за да се следи здравствената патека на секој граѓанин.

Поврзани вести