Skip to main content

Клековски: Преживувањето на предвреме родените деца е решено подобро од европскиот просек, сега редот е на превенцијата и на грижата по болницата

Министерство за здравство

По повод Светскиот ден на предвремено родените деца, министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, и раководителката на Одделот за интензивна нега и терапија, д-р Елизабета Петковска, ги претстави напредокот во неонаталната здравствена заштита и приоритетите за наредниот период.

Годинешното мото е „Мали бебиња, голем потенцијал. Инвестирајте во континуирана грижа за да ја заштитиме нивната иднина!“

Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и УНФПА во март годинава оценија дека станува збор за најголемото подобрување во преживувањето на децата забележано во светот. Според податоците на УНИЦЕФ за 2024 година, на 1.000 живородени деца неонаталната смртност изнесува 1,05, доенечката смртност 2,26, а смртноста кај децата до петгодишна возраст 2,8. За споредба, просечната стапка на доенечка смртност во Европската Унија во 2024 година изнесува 3,5 на 1.000 живородени деца. Независната анализа на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), изработена во рамките на проектот „Converge2EU“, го мери приближувањето на земјата кон Европската Унија во одделни области.

Имаше јасна цел, програма зад таа цел и поддршка што траеше подолго од еден мандат. Кога тие три работи ќе се најдат заедно, македонското здравство испорачува резултат од светски ранг. Тоа не е успех на едно одделение. Тоа е модел што може да се пренесе – изјави министерот Клековски.

Во светот годишно предвреме се раѓаат околу 13,4 милиони бебиња, односно приближно едно од десет новороденчиња. Во земјава, меѓу 9 и 10 отсто од бебињата се раѓаат пред навршени 37 гестациски недели, што е над европскиот просек.

Клековски посочи дека намалената смртност не значи дека предвремените раѓања се поретки. Затоа, како што истакна, фокусот се насочува кон превенцијата, навременото откривање на ризичните бремености и здравјето на жената пред и за време на бременоста.

На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во периодот од 1 јануари до 31 октомври 2026 година се реализирани 3.266 породувања и се родени 3.216 живи новороденчиња, од кои 610, или 19 отсто, предвреме. Повисокиот процент во однос на државниот просек произлегува од тоа што Клиниката е национален терциерен центар во кој се упатуваат ризичните бремености од целата држава – изјави директорката Алексиоска-Папестиев.

Таа истакна дека меѓу приоритетите за наредниот период се превенцијата и раното откривање на ризичните бремености, како и континуираното следење на растот и развојот на децата по отпуштањето од болница, со достапни специјалистички прегледи и рана интервенција. Приоритет е и поддршката на родителите преку навремено информирање, психолошка поддршка и нивно активно вклучување во грижата за детето.

Алексиоска-Папестиев нагласи дека постигнатите резултати се плод на систематската и тимска работа на целиот кадар на Клиниката, модернизацијата на условите и континуираната едукација на здравствените работници. Таа посочи дека се обезбедени 13 нови инкубатори, три затоплувачи за новороденчиња и ултразвучен апарат со три сонди за процена на состојбата на мозокот, белите дробови и срцето кај овие новороденчиња. Во тек е и обновувањето на одделението за доносени новороденчиња.

Д-р Петковска, раководителка на Одделот за интензивна нега и терапија при Клиниката за гинекологија и акушерство, истакна дека на Одделот се практикува кенгурирање како дел од развојната нега за предвремено родените и високоризичните новороденчиња. Во согласност со препораките на Светската здравствена организација за исклучиво доење и рана исхрана со мајчино млеко, на Одделот функционира и лактариум, каде што мајките за време на престојот измолзуваат млеко за своите бебиња.

Светскиот ден на предвремено родените деца годинава првпат се одбележува на 15 ноември. По повеќе од една деценија одбележување на 17 ноември, Светската здравствена организација го определи новиот датум при официјалното вклучување на денот во својот календар, што беше поддржано на Светското здравствено собрание во 2025 година. Со промената на датумот се избегнува преклопување со Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката.

Поврзани вести