
Два лека против згрутчување на крвта од крајот на ноември ќе може да се земаат на рецепт во аптека. Ова денеска го истакна генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Тој по брифингот со новинарите изјави дека станува збор за двата антикоагуланси Еноксапарин и Надропарин, кои досега беа на болничката позитивната листа и за домашно лекување граѓаните мораа да користат рефундации. Партиципацијата за овие лекови кои ќе се подигнуваат на рецепт од аптека дополнително ќе биде утврдена.
Граѓаните веќе не мора да се малтретираат по шалтерите на Фондот за да ги рефундираат средствата за овие лекови, ќе има полесен пристап до лековите, а ние ќе имаме помал притисок за работа и ќе можеме да се концентираме на други прашања. Значи добивката е двојна, рече Клековски.
Посочи дека ова е уште еден чекор на префрлување лекови од болничката на аптекарската листа по претходниот, а ќе следуваат и нови чекори.
Веќе неколку пати најавив дека фокусот во оваа фаза се антикоагуланси бидејќи третираат широк спектар на граѓани или пациенти кои имаат потреба. Натамошниот раст на позитивната листа се поврзува со три фактори и тоа првиот – појасни податоци за нивото на користење на лекот во Македонија, значи достапност на пазарот за да може да ги пресметаме финансиските ефекти од нашите одлуки. Вториот фактор е ставање во целосна функција на е-рецепт за акутни потреби со што ќе ни се овозможи подобра контрола на употребата на лекови и од финансиски аспект и заштита од претерана употреба на лекови. Третиот фактор е да постигнеме согласност за договорени цени за позитивната листа, потенцира Клековски.
Главниот предизвик во вклучувањето на лековите на позитивната листа, појасни тој, не е партиципацијата која не изнесува повеќе од 10 проценти, туку можната доплата која може да биде повеќекратко повисока што се должи на разликата меѓу референтната цена на Фондот, што ја плаќа Фондот и големопродажната цена со која лекот е регистриран за продажба во Македонија.
Значи напорот ни е за лековите кои ќе бидат на позитивната листа да нема доплата или таа е регулирана однапред за да ги заштитиме пациентите од големи доплати. Ефектите на префрлувањето на позитивната листа се контролирани, бидејќи добар дел досега се издаваа во болниците и се рефундираа средствата и вакви чекори ќе правиме во иднина со цел повеќе лекови кои се на болничка листа да бидат достапни во аптеките, додаде Клековски.
 
                    
 
                         Македонски
Македонски







