
Од досега собраните 159 милиони денари, 149 се трансферирани кај семејствата на настраданите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Останатите десет милиони деновиве ќе бидат префрлени кај лицата кои не биле првично евалуирани.
Ова денеска го соопшти генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити на потпишувањето меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи. Информираше дека Црвениот крст во моментов продолжува со психолошката поддршка за населението.
Деновиве непрекинато даваме психолошка прва помош за населението со акцент на луѓето кои трпеа последици од катастрофата. Наскоро ќе биде промовиран Регионалниот центар за психолошката прва помош кој е дел од националниот центар и се надевам дека со тоа уште поблиску и непосредно ќе бидеме со луѓето и ќе бидеме дел од нивното опоравување, нагласи Саити.
Во однос на донациите, Саити рече дека процесот на собирање средства е заокружен и дека е многу значајно што имаат верификација од меѓународна ревизорска куќа.
Тоа што следи допрва, праксата која и досега ја применувавме се таканаречените одбори за транспарентност кои ги формираме при вакви големи кампањи, а тоа ќе биде веројатно кон крајот на август. Сите учесници контрибутори на собраните средства на еден транспарентен дополнителен акт ќе бидат во оваа просторија во ова зграда, ќе се состанат за да се констатира колку пари се собрани, колку се пренесени, да го видат ревизорскиот извештај и така комплетно да ја заокружиме таа слика се со цел да Црвениот крст остане понатаму транспарентен отчетен и да биде препорачливи партнер за институциите на системот, истакна Саити.