
Централизацијата е погубна за македонското здравство. Мора да направиме регионализација и рамномерен регионален здравствен развој. Пациентот мора да добива ист квалитет на услуга и во местото од каде што потекнува. Дали тоа ќе го направиме со ротација на персонал, дали тоа ќе го направиме со екипирање и на центри коишто се надвор од Скопје — ќе мора да седнеме и да се договориме. Само тогаш листите на чекање ќе се преполоват, изјави д-р Синиша Стојановски, директор на ГОБ „8 Септевмри“ на денешната промоцијата на реновираниот оперативен блок во болницата.
Директорот рече дека не смее да се остане на тоа сѐ да се централизира во Скопје, бидејќи и во „8 Септември“, ГОБ „Наум Охридски“ и на Клиника доаѓаат пациенти од целата држава.
Не можете да очекувате листата на чекање во Градска општа болница да се намали ако таму се пациенти од Струмица, Штип, Велес, цел исток, цел запад… Истото е и на Клинички центар, исто е и во „Свети Наум Охридски“. Листите се креираат затоа што бројот на здравствен персонал не може да направи чудо. Толку се 24 часа во денот, толку е можноста да се направат оперативни интервенции. Ако ние поработиме малку на рамномерен регионален развој, тогаш ќе видите дека и листите на чекање ќе исчезнат. Тоа е моделот од Словенија, не треба многу да размислуваме, треба само да го прифатиме, изјави д-р Стојановски.
Според д-р Стојановски во здравството фали персонал. Не фалат услови.
Условите коишто ги гледате денеска само ќе бидат додадена вредност. Ние мораме кадровски да се екипираме. Пред отприлика околу една, една и пол година наназад, јас не бев ни дел од менаџментот на оваа болница, кога зборувавме на национална здравствена стратегија: ние не смееме да останеме на тоа сѐ да се централизира во Скопје. И во оваа болница, и во другите скопски болници и Клиничкиот центар доаѓаат пациенти од целата Република. Листите на чекање се креираат на тој начин. Проверете дали има листи на чекање во некоја од болниците во внатрешноста — ќе ги нема. Пациентите се насочуваат овде, кажа д-р Стојановски.

Македонски



