Skip to main content

Балканот го чека руска зима од Нова година до пролет, африканско лето од јуни до септември

Руска зима, која почнува околу Нова година, пролет потопла од вообичаено, и африканско лето, со повеќе долги топлотни бранови и температура до околу 42 Целзиусови степени, треба да очекуваат земјите од Балканскиот Регион, според последните прогнози на метеоролозите.

Српскиот метеоролог Иван Ристиќ вели дека годишниот циклус ќе почне со силен студ околу Нова година, кој ќе донесе обилни врнежи од снег и формирање снежна покривка. Јануари и февруари ќе бидат обележани со ниска, минусна температура, која во најстудените денови во некои делови може да се симне и до 20 Целзиусови степени под нулата и да донесе мразови.

– Во вакви синоптички ситуации, кога ќе продира студен воздух од Русија, се формираат циклони на Медитеранот, над Јадранското, Јонското и над Егејското Море, кои носат снежни врнежи. Затоа има големи шанси да имаме снег на планините и во низините за време на зимските празници – вели тој, додавајќи дека многу студено време се очекува за верскиот празник Водици, со максимална температура од нула степени.

Според метеорологот, во овој регион може да се очекува затоплување дури во третата декада на јануари, за веќе во февруари да се врати студеното време. За март, тој прогнозира променливо време и зголемување на температурата со календарското доаѓање на пролетта. На почетокот на сезоната е можна температура и до 20 степени над нулата, но можен е и снег во април. Дотогаш, според Ристиќ, снегот на планините нема да се стопи, па како што вели, во април на Копаоник и на други планини би можело да има покривка од повеќе од еден метар.

По топлиот мај, регионот би се соочил со тропски јуни. Во третата декада од тој месец се очекува првиот топлотен бран со температура до 35 степени, а тој период би бил одличен за одмор во Грција или на Јадранот, зашто се очекува температурата на водата да се искачи над 20 Целзиусови степени.

– Големи се шансите да има четири топлотни бранови во 2026 година, а најжешкиот го очекувам во третата декада од јули, околу 24-25 јули со температура од 42 степени – вели Ристиќ за „Блиц“.

Тој смета дека е можно во јуни да има повеќе врнежи од дожд, околу 100 литри на квадратен метар дневно, што може да предизвика поплави во урбаните средини. За јули вели дека ќе има многу тропски денови, кои би траеле се до септември поради продор на топол воздух од Африка.

– Втората декада од јули би била ризична поради суперклеточните бури. Се очекува летната температура да биде висока, а морињата брзо да се затоплат. Во средината на јули, температурата на морската вода ќе достигне речиси 30 степени, што ќе исполни еден од критериумите за суперклеточна бура, а тоа е дека температурата треба да биде повисока од 27 степени – вели Ристиќ.

Сепак, тој се надева дека ова нема да се случи во 2026 година, но е сигурен дека ќе има врнежи од дожд, локален град и силни ветрови со бура. Постабилно време, но со тропска температура и со многу влажност, прогнозира за август. Есента, пак, не би требало да биде многу жешка, поради првите пробиви од Северниот Леден Океан во септември.

Поврзани вести