Skip to main content

17 посто од македонските граѓани се самци

Според некои анализи во 2025 година во Европската Унија имало нешто над двесте милиони домаќинства, а од нив околу 76 милиони биле составени од по еден возрасен човек без деца. Бројот на овие едночлени домаќинства, пораснал за 19,2 отсто во периодот од 2016 до 2025 година, додека вкупниот број домаќинства во истиот период пораснал за само шест отсто.

Истовремено, Европа старее забрзано, а тоа го потврдува и најновото издание на публикацијата „Демографија на Европа” на Еуростат, објавена во мај 2026 година. Според неа, на почетокот на 2025 година во ЕУ живееле околу 451 милион луѓе, а просекот на возраста пораснал од 39,6 години во 2005-та на 44,9 години во 2025-та.

Се чини и дека во работоспособната возраст, уделот на мажите самци во Европа е поголем од оној на сингл жените без деца. Промените се однесуваат и на склопувањето на брак на подоцнежна возраст. Според веќе споменато издание на Еуростат, во 2024 година просечната возраст при првиот брак за жените била највисока во Шпанија и Шведска (по 35,2 години), додека кај мажите во Шведска била на врвот со 37,4 години. На спротивниот крај пак, била Романија, каде просечната возраст при првиот брак изнесувала 28,4 години за жените и 31,5 години за мажите.

Битен податок и долгорочниот тренд е дека меѓу 2004 и 2024 година просечната возраст при првиот брак се зголемила во сите 20 земји членки на ЕУ. Најголемото зголемување (по седум години и кај жените и кај мажите) е забележано во Португалија.

Дел од објаснувањето лежи во економијата. OECD (Организација за економска соработка и развој составена од 38 земји членки), во своето издание „Society at a Glance 2024″, покажува дека вкупната стапка на наталитет во земјите членки паднала на просечно 1,5 деца по жена во 2022 година, далеку под нивото потребно за замена на населението, кое изнесува 2,1. Извештајот посочува дека раѓањата сè повеќе се одложуваат кон подоцнежна возраст: просечната возраст на мајките при раѓање пораснала од 28,6 години во 2000-та на 30,9 години во 2022-ра .

Меѓу факторите што можат да го објаснат ова се состојбата на пазарот на трудот, цената на становите и државната поддршка за семејствата како детска нега, платено родителско отсуство и финансиска помош.

Ова е особено видливо во јужна Европа. Според базата на податоци на OECD за достапно домување, во Грција, Ирска, Италија, Јужна Кореја, Португалија и Шпанија повеќе од 75 отсто од младите на возраст од 20 до 29 години сè уште живеат со родителите. Во нордиските земји сликата е сосема поинаква. Таму младите многу почесто живеат самостојно, надвор од родителскиот дом.

Економските услови, сепак, не го објаснуваат целото однесување. Луѓето во слични услови не носат секогаш исти одлуки. Последните истражувања покажуваат дека се менува и односот кон самото синглство. Студија објавена во 2024 година во Personality and Social Psychology Bulletin, базирана на 2.936 германски учесници на возраст од 14 до 40 години, ги споредила различните генерации и нивното задоволство од самечкиот статус. Резултатот е интересен: адолесцентите родени во 2001-2003 година биле нешто почесто сингл и истовремено позадоволни со тоа отколку адолесцентите родени во 1991-1993 година.

Тоа не значи дека младите „не сакаат љубов”. Туку, изгледа дека врската веќе не се доживува како задолжителен доказ дека човекот успеал во животот. Можно објаснување е што пред една или две генерации, човек кој на 30 или 35 години бил сам имал многу поголем притисок од заедницата. Денес пак, општествениот поглед кон самечкиот живот е значително сменет. 

Истражувањето пак, на Илејн Хоан и Џеф Мекдоналд од Универзитетот во Торонто, објавено во 2025 година во Social Psychological and Personality Science, анализирало 5.941 сингл лица со просечна возраст од 31,7 години, испитувајќи го задоволството од статусот, од животот, сексот и желбата за партнер. Резултатите покажале дека, во просек, сингл жените биле позадоволни од својот статус, имале повисоко животно и сексуално задоволство и имале помала желба за партнер отколку мажите самци.

Според авторите, ова се просечни разлики, а не правило за секоја жена или секој маж поединечно. Истражувањето, исто така, комбинирало десет претходно собрани примероци, главно преку онлајн платформата Prolific, па не треба автоматски да се претставува како репрезентативна слика на целото светско население.

Истражувачите претпоставуваат дека една од причините може да биде тоа што жените почесто имаат пошироки мрежи на социјална поддршка надвор од романтичната врска.

А што е со оние кои сакаат партнер, но не успеваат да го најдат? И оваа група постои. Истражување на Апостолу и Микаелиду, објавено во Personality and Individual Differences, испитувало 1.432 грчки соговорници и анализирало повеќе можни фактори поврзани со таканареченото „involuntary singlehood”, состојба во која човек сака интимен партнер, но тешко успева да воспостави врска.

Тие пронашле различни фактори кај мажите и жените. Кај жените, послабата способност за флертување, проблеми со сексуалното функционирање, поголемата пребирливост и пониската пријатност во однесувањето биле поврзани со поголема веројатност да бидат неволно сингл. Кај мажите пак, меѓу факторите биле послабата способност за флертување, повисокиот невротицизам, пониската самопроценета вредност како партнер и пониската самодоверба.

Истражувањето е направено на грчки испитаници, а дел од факторите се психолошки и индивидуални; тие не можат според експертите, едноставно да се претворат во правило за цела Европа. Но студијата сепак, покажува нешто важно: неволното самство има повеќе можни причини и тие не се исти кај сите луѓе.

Во исто време, начинот на кој луѓето се запознаваат значително се промени. Според Pew Research Center, во 2022 година 45 отсто од Американците кои биле сингл и активно барале врска или состанување користеле онлајн платформа за запознавање. Во истото истражување 63 отсто од сингл луѓето кои барале партнер рекле дека запознавањето станало потешко за време на пандемијата.

Онлајн запознавањето значително го прошири бројот на потенцијални луѓе со кои може да се дојде во контакт, но истовремено го промени начинот на избор. Наместо човек да запознава ограничен број луѓе преку работа, пријатели, соседство…, денес може да гледа бројни онлајн профили. Тоа може да го прошири изборот, но може да создаде и чувство дека секогаш постои „некој уште подобар”.

Сепак, нема доволно докази да се каже дека апликациите сами по себе се причина за зголемувањето на синглството. Тие се само еден дел од многу поширока промена во начинот на создавање врски.

Во истражувањето „A profile of single Americans”, околу половина од сингл-луѓето изјавиле дека во моментот не бараат ниту врска ниту средби. Меѓу оние што не барале партнер, 47 отсто рекле дека имаат поважни приоритети, а 44 отсто дека едноставно им се допаѓа да бидат сами. Кај помладите од 50 години, поважните приоритети биле уште почеста причина, 61 отсто од оние кои не барале партнер го навеле тоа како значајна причина.

Меѓутоа, според анализа на Pew Research Center врз основа на податоци од Census Bureau, уделот на возрасните Американци кои не живеат со брачен или романтичен партнер по 2019 година почнал благо да се намалува: од 44 отсто во 2019 на 42 отсто во 2023 година. Во истиот период, уделот на оженетите и омажените пораснал од 50 на 51 отсто, а на оние кои живеат со невенчан партнер од шест на седум проценти.

Тоа велат познавачите, не значи дека самечкиот живот исчезнува, туку дека не расте непрекинато. Во исто време, податоците од различни земји покажуваат дека традиционалниот пат – рана врска, осамостојување, брак и деца – станува подолг и помалку задолжителен. 

Живеењето сам навистина станува почесто во Европа. Бракот се одложува. Скапото домување и несигурната работа можат да го продолжат периодот до осамостојување и создавање семејство. Во исто време, дел од луѓето се сосема задоволни со самечкиот живот, додека други сакаат партнер, но тешко го наоѓаат.

Затоа бројката на сингл луѓе сама по себе, според аналитичарите не ни кажува дали луѓето се откажуваат од љубовта. Туку дека начинот на кој луѓето го организираат животот, партнерството и семејството се менува. А причините зад таа промена се многу поразновидни од самата статистика

Поврзани вести