
„Од научни податоци до практични одлуки: Ставот на младите за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје“ беше тема на дводневната работилница со која се заокружи циклусот на настани во рамки на проектот „Применето моделирање на квалитетот на воздухот и валидација на мерките за ублажување на штетните ефекти преку идентификација на изворите“, чиј носител е Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Проектот е дел од предложената мерка на Работниот комитет за енергетика, со цел подобрување на квалитетот на воздухот и се реализира во рамки на процесот на имплементација на Националната развојна стратегија 2024–2044, преку програма предводена од Владата и Генералниот секретаријат, во соработка со УНДП.
Семинарот имаше за цел да претстави верифициран и валидиран модел на изворите на загадување на воздухот за градот Скопје. Моделот е развиен согласно меѓународно признати методологии и стандарди, а е создаден за градот Скопје како значаен научен и професионален исчекор кон конкретни и мерливи резултати.
Во текот на реализација на целите на проектот, тимот оствари соработка и размена на знаењето со врвни домашни и странски експерти од областа кои беа дел од семинарот. Тие зборуваа за современи научни пристапи во анализите на загадувањето на воздухот и споделија практични искуства од различни делови на светот. Во првиот дел беа презентирани резултатите и достигнувањата од проектот, ставени во поширок контекст на локалните и националните политики, при што особен акцент беше ставен на ставовите и улогата на младите во креирањето одржливи решенија.
Фокусот на семинарот беше ставен на тоа како научните податоци поефикасно да се преточат во конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Група на студенти кои беа вклучени во проектот добија можност да ги презентираат своите предлог-мерки и решенија врз основа на стекнатото знаење и анализата на моделот. Она што го направи овој процес особено вреден е фактот што студентите не работеа само на ниво на идеи, туку нивните предлози се темелат на знаење, анализа и разбирање на податоците. Тие беа поттикнати критички да размислуваат, да креираат мерки и да ги аргументираат истите.
Со оваа работилница се заокружи циклусот на активности кој ги поврза научните сознанија со практичните одлуки и ја истакна улогата на младите како важен фактор во процесот на креирање политики за чист воздух.

Македонски


