Skip to main content

Младите од Делчевско се подготвуваат за „Прочка“

Во Пијанечко во тек се завршни подготовки за утрешното одбележување на празникот „Поклади“. По традиција, населението го одбележува настанот со смрекови „стреловишта“, што се палат во повеќе населби и села во Пијанец.

– Традиционалното палење смреков оган често се практикува низ годините наназад, како во селските населби, така и во градот. Годинава најорганизирани се младите кои околу 19 часот на празникот „Прочка“ ќе ги запалат „стреловиштата“ во населбите Расадник, Маџир Маало, Милково Брдо, како и околните населби и села, велат постарите жители.

Со цел сѐ да биде подготвено навреме, во текот на денешниот ден се поставуваа самите „купови“ со подготвените „стреловишта“. Во текот на денот се месат и сукаат баници и други домашни специјалитети што се принесуваат на трпезата, што се поставува околу самите „стреловишта“.

– Според тоа што останало од нашите дедовци, смреката се пали на стемнување, а потоа се прескокнува купот со зборовите „Еве ти ја дедо гламната, дај ми момата“, додаваат младите од Милково Брдо.

Освен овој адет во Делчевско за „Прочка“, помладите во текот на неделата бараа прошка од постарите за сето она што им згрешиле во текот на годината.