Skip to main content

Недела на турската кујна во Македонија

Ми претставува задоволство можноста да бидам денес заедно со Вас по повод неделата на турска кујна, која годинава ја одбележуваме по четврти пат.Турската кујна, во својство на скапоцено богатство на древната турска култура, денес не собра по овој убав повод во Скопје, срцето на Балканот, регионот кој низ целата историја беше домаќин на уникатни културни богатства, истакна амбасадорот Фатих Улусој.

Тој говореше за односите меѓу двете земји кои се повеќе од пријателски.

Туркије е земја која ја призна Македонија со нејзиното уставно име од дента на нејзиното осамостојување и е прва земја која назначи амбасадор во оваа млада република. Нашите две пријателски и сојузнички земји негуваат длабоко вкоренети историски и културни врски, и односи на највисоко ниво.Изразот „пријателски“ кој се користи во контекст на Македонија не е само декларативен. Една турска поговорка вели „Пријателот се познава во црни денови“. Народите на двете земји секогаш стоеле еден поред друг во тешки денови. Никогаш нема да ја заборавеме помошта и солидарноста на нашите браќа и сестри од Македонија по разорниот земјотрес кој ја погоди нашата земја во 2023 година, истакна амбасадорот.

И Туркије од своја страна ја даде својата поддршка во справувањето со пожарите минатото лето, како и даде медицинска поддршка за ранетите од трагичниот настан во март месец, каде што за жал згаснаа и многу млади животи. 10 од вкупно 12-те повредени кои беа на лекување во Туркије се вратија во земјата, се надевам дека и останатите двајца во најскоро време оздравени ќе се вратат.

Над четири илијади турски студенти кои студираат во разни универзитети и институции во земјава, над 280 илијади туристи кои во текот на една година ја посетуваат земјава, развојната и хуманитарна помош на турски институции и невладини организации на чело со ТИКА, реставрацијата на културните монументи реализирани од ТИКА и нивниот удел во туризмот на Македонија; културните, јазичните, стручните и развојните активности на Институтот Јунус Емре, како и придонесот во образованието на земјата на Меѓународниот Балкански Универзитет и училиштата на Маариф се само дел од рефлекциите на нашите меѓучовечки односи.

Воедно минатата недела, во рамки на Годината на семејството – 2025 прогласена во Туркије, заедно со Министерот Фатмир Лимани, по повод 15 мај – Меѓународниот ден на семејството организиравме заедничка прес конференција на која го потенциравме значењето на семејството. Додека денес во Туркије се организира Меѓународен форум на семејството.

Турската заедница во Македонија продолжува во својство на мост да ги поврзува нашите земји и да придонесе за развојот на Македонија во сите области.

Имаме 32 летови неделно на релација Истанбул – Скопје, на чело со Туркиш ерлајнс, а оваа фреквенција ќе се зголеми уште повеќе во текот на летните месеци. Исто така, има летови од Скопјe до Измир, Бодрум и Анталија. Директните летови на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Охрид, кои започнаа минатиот март, продолжуваат да ги развиваат врските меѓу народите на двете пријателски и братски земји и односите меѓу двете земји во областа на економијата и туризмот.

Во периодот на новата Влада на Македонија нашите односи добиваат интензитет. Како што и вие имате можност да следете, беа реализирани низа билатерални средби на високо ниво.

При средбата на почитуваниот Премиер во февруари месец во Истанбул со почитуваниот Претседател на Туркије, со потпишувањето на Заедничка политичка декларација го основивме Вишиот совет за соработка и односите помеѓу нашите земји ги издигнавме на ниво на стратешко партнерство.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во април учествуваше на Дипломатскиот форум на Анталија и се обрати на панелот посветен на Балканот. Воедно ја имавме честа министерот Муцунски минатата недела повторно да го нагостиме во Анталија по повод Неформалниот состанот на министри за надворешни работи на НАТО.

И на парламентарен план имаме интензивни билатерални посети и средби, како на ниво на Претседатели на собранија, така и на ниво на парламентарни делегации.

Балканот претставува приоритет во турската надворешна политика и вниманието кои им го посветуваме на безбедноста и стабилноста на регионот, при што впрочем ги сметаме како дел на нашата безбедност и стабилност, ја претставува основата на нашата воедна соработка на билатереални и мултилатерални платформи.

Соработката во одбранбена индустрија со нашиот сојузник Македонија исто така е значајна за нас. Во овој период, турскиот Началник на генералштаб и Претседателот на одбранбената индустрија ја посетија земјава, додека глобалниот турски бренд во оваа област АСЕЛСАН отвори свое претставништво во Скопје.

Билатералната трговска размена од 1 милијарда долари меѓу Туркије и Македонија целиме да ја зголемиме на 2 милијарди долари. Турските компании преку нивните инвестиции кои растат со секој минат ден, продолжуваат да придонесат за економијата на земјата. Турските компании овозможуваат 10.000 вработувања во земјава.

Само во минатата недела на пример, во Скопје се одржа Балканскиот економски самит и имавме церемонија на поставување на камен темелник на една турска инвестиција во Македонија, на која учествуваше и премиерот.

Денес меѓу нас се и претставниците на двете реномирани турски медиумски институции, новинската агенција Анадолу и корпорација ТРТ, господинот Омер Рахми и господинот Ахмет. Во оваа прилика би сакал накратко да се осврнам и на работата на нашите медиумски институции претставени во Македонија.

Јавниот сервис на Туркије, ТРТ, преку својот глас на Балканот – ТРТ Балкан е присутен со дигитална медиумска платформа од 2022 година, и тоа со содржини на македонски, албански и босански, хрватски, српски и црногорски.

Додека Агенција Анадолу, која има над 100 годишно искуство и сервисира содржини на вкупно 13 јазици задно со турскиот и англискиот, преку својата Дирекција за новини на македонски и албански јазик, дејствува во Македонија, Косово и Албанија.

Агенцијата Анадолу организира широк спектар на програми за обука за новинари и студенти по новинарство, вклучувајќи воено известување и постдипломски програми. Деновиве, таа води проект за еколошко и климатско новинарство. Со оваа програма за обука, повеќе од 50 учесници, вклучувајќи ги и оние од Македонија, ќе учествуваат на обуки што ќе се одржуваат во Турција и во некои други земји во текот на две години.

За нас е важно овие наши претставници да го мерат пулсот на балканскиот регион, и да можеме да ги следиме случувањата во оваа земја и регионот, како важни за нас, преку призмата на турските медиуми, а не преку вестите и коментарите напишани од медиумите на трети земји.

Без да должам многу, би сакал да се вратам на денешниот повод, Неделата на турската кујна.

Во рамки на Неделата на турската кујна, која се одбележува од 2022, годинава ќе ги вкусиме традиционалните вкусеви на турското кулинарство, односно „Класичните рецепти на турската кујна“.

Денес, со задоволство Ви ги претставувам вкусните јадења кои турците ги консумираат речиси секој во нивните домови или ресторани.

Всушност, мислам дека повеќето од вас се запознаени со овие вкусови, бидејќи како што сите знаеме, турската кујна во себе содржи траги од вековната меѓукултурна интеракција во Анадолија и поширокиот регион кој ја опкружува Туркије, а како резултат на долгогодишното заедничко живеење, турската и македонската кујна имаат многу заеднички точки.

Денес имаме прилика да ја разгледаме и книгата со наслов “Вековните рецепти на турската кујна“, дело изготвено под водство на ценетата сопруга на почитуваниот Претседател, г-ѓа Емине Ердоган и со учество на познати академици и готвачи.

Најистакнатите карактеристики на нашата традиционална турска кујна се тоа што е здрава и без отпад. Вложивме максимална грижа за да се осигураме дека храната што ќе ја вкусиме денес да биде здрава, без отпад и одржлива.

Сметам дека не треба да се задоволуваме само со вкусување на убавините на оваа кујна, туку дека ова скапоцено богатство треба да го пренесеме и кон идните генерации.

На крај на моето излагање, би сакал во Ваше пристуство да им се заблагодарам на шефот Ајтекин Јамач и неговиот тим кои денес придонесоа за заживување на турската кулинарна култура во Скопје, до Институтот Јунус Емре кои имаат огромен удел во претставувањето на турскиот јазик и култура, како и до нашите ценети спонзори.

Воедно би сакал да обзнанам дека денес ќе имаме и едно извлекување, при што среќниот добитник ќе добие повратна карта за Истанбул од Туркиш Ерлајнс, кои се меѓу спонзорите на денешниот настан. Бординг картите Ви беа споделени при влез. Ви посакувам многу среќа за извлекувањето.

Поврзани вести