Skip to main content

Зоран Илијоски, деветтоодделенец од „Кузман Јосифовски-Питу“ од Кичево е дете за наука за 2025-та година

Зоран Илијоски, деветтоодделенец од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ од Кичево е годинашен добитник на „Иван Ќостаров“, награда за извонреден научен потенцијал наменет за сите ученици во 9. одделение во Македонија. Наградата ја доделуваат платформата „Наука за деца“ и Фондацијата „Кантарот“ во соработка со проф. д-р Венка Симовска. Наградата е вредна 30.000 денари, а целта е да се стимулира едно љубопитно и посветено дете да продолжи со љубов да чекори по патот на науката.

Тој е стипендист на Фондацијата „Кантарот“, лани беше финалист за наградата „Иван Ќостаров“ и говорник на НЗД 2024, а оваа година и добитник на наградата. Дополнително, беше и најголемиот донатор на говор за Буки!

Зоки во разговор за „Кантарот“ вели дека за наука се интересирал уште од предучилишна возраст. Сакал да знае како работат лифтовите и другите уреди околу него, па кога научил да чита, родителите го снабдиле со енциклопедии и поголемиот дел од времето го минувал читајќи и учејќи.

За негов прв личен научен проект го смета хамерот што го направил во прво одделение. Нацртав како замислувам дека работи водоводната мрежа – водата се испумпува од изворите и се носи до домовите, а потоа од домовите отпадната вода се носи до прочистителна станица за да ја исчистиме водата и да може пак да ја пиеме, вели тој и кажува како ја израдувал наставничката кога ѝ го однел хамерот тогаш, а таа пред некој ден го израдувала него, давајќи му го хамерот кој го нашла средувајќи ги своите шкафови, каде што бил скриен со години.

Неговата научна љубопитност потоа преминува на изработка на струјни кола со Ардуино плочка. Вели дека од семејството ја има најголемата поддршка:

Тие секогаш ми купувале разни книги, материјали за учење, а потоа ме пријавувале за курсеви, натпревари, ми купувале електронски сетови, разни алати и слично. Од друга страна, на прашањето колкава е поддршката од училиштето, тој кажува дека наставниците само делумно се интересираат за работа со талентирани и надарени ученици како него.

За свои големи успеси Зоки ги смета бронзените медали кои го освоил на Јуниорските македонски олимпијади по математика и по информатика годинава и првото место на меѓународен натпревар по свирење гитара во категорија џез и поп музика.

Но, сепак, мислам дека најголем успех ми е пофалницата на Јуниорската балканска олимпијада по информатика која беше одржана оваа година во Кипар, истакнува тој.

Зоки на Јуниорската балканска олимпијада по информатика 2025 во Кипар

Меѓународните натпревари и Еразмус програмата го однеле во други држави, каде што имал можност да запознае повеќе врсници од целиот свет.

Сфатив дека кај нив има повеќе материјали во училиштата, повеќе кабинети, повеќе подготовка за инернационалните натпревари. Меѓутоа, мислам дека е важно ученикот сам да се интересира и да вложува време. Дури и да нема доволно материјали, ако го интересира темата, ќе најде начин да научи, смета Зоки, кој е особено мотивиран своето слободно време да не го троши залудно, туку да го искористи продуктивно, за нешто што ќе му помогне во животот.

Така, на пример, сфатил дека наместо да игра игри, тоа време може да го искористи за да го учи програмскиот јазик C++, за да може во иднина да учествува во натпревари.

На Зоки особено му значи поддршката што ја добива од НАУКА ЗА ДЕЦА:

Самата помисла дека некој ми подава рака, ми нуди менторство, ми ја додели наградата „Иван Ќостаров“… Од НЗД ги следат моите успеси на натпреварите и кога ќе освојам некоја награда, ме објавуваат на социјалните мрежи… Професорите Никола Стиков, Блаже Ѓорѓиев, Драгана Стикова и сите останати членови и соработници на НАУКА ЗА ДЕЦА ми значат премногу и имам само пофални зборови за нив.

Средствата од наградата, која е во вредност од 30.000 денари, Зоки планира да ги искористи за разни помагала по предметите математика, физика, информатика и хемија, што смета дека ќе му помогне на меѓународните натпревари да постигнува подобри резултати.

Исто така, мислам да ги вложам во професионален фотоапарат со кој ќе можам да правам едукативни видеа, со што нема да го чувам знаењето само за себе, туку ќе можат и други ученици да учат, вели тој.

Зоки е сега деветтоодделенец, но како што вели, со родителите уште немаат одлучено каде ќе го продолжи образованието, ама и не се оптоваруваат премногу со тоа. Мислам дека треба уште малку да се доизградам и како ученик, и како личност, за точно да определам во која област да продолжам да се надоградувам преку образованието, вели тој, истакнувајќи дека засега е подеднакво добар во математика, информатика, физика, хемија и биологија и уште одредена област му нема преовладано.

Поврзани вести