
Стопанската комора на Македонија набргу до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник, соопшти вчера проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска. Очекувано и со секое право, оваа прес-конференција предизвика многу негативни реакции во јавноста.
Прашан за овој предлог претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска порача дека стекнатите права треба да се почитуваат.
Стекнатите работнички права треба да се почитуваат и тука немам никакви дилеми, истакна Мицкоски.
Инаку, до крај на 2026 година, за сите граѓани на Република Македонија има уште три државни празници, од кои два ќе овозможат продолжени викенди.
Првиот неработен ден е 11 Октомври – Денот на народното востание, кој годинава се паѓа во недела. Согласно законските одредби, неработен ќе биде понеделник, 12 октомври, со што граѓаните ќе имаат продолжен викенд од три дена.
Вториот празник е 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, кој во 2026 година се паѓа во петок. Тоа значи дека и овој празник ќе донесе продолжен викенд, со оглед дека по него следуваат сабота и недела.
Третиот неработен ден за сите граѓани е 8 декември, кога се празнува Свети Климент Охридски.
За граѓаните од католичка вероисповед
• 1 ноември (недела), Празникот на сите светци,
• 25 декември (петок), првиот ден на Божик.
За граѓаните припадници на албанската заедница во РМ
• 22 ноември (недела), Ден на албанската азбука
За граѓаните припадници на еврејската заедница во РМ
• 21 септември (понеделник), Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур
За граѓаните припадници на бошњачката заедница во РМ
• 28 септември (понеделник), Меѓународен ден на Бошњаците
За граѓаните припадници на турската заедница во РМ
• 21 декември (понеделник), Ден на настава на турски јазик
Во 2027 година граѓаните ги очекуваат повеќе празнични денови, а календарот носи и неколку можности за продолжен викенд.
Според важечкиот Закон за празниците, меѓу неработните денови за сите граѓани се Нова година, Божик, Рамазан Бајрам, вториот ден на Велигден, Денот на трудот, „Св. Кирил и Методиј“, Денот на Републиката, Денот на независноста, Денот на народното востание, Денот на македонската револуционерна борба и „Св. Климент Охридски“. Доколку празник што е неработен за сите граѓани паѓа во недела, наредниот ден е неработен.
Според календарот за 2027 година, за сите граѓани неработни ќе бидат следните датуми:
1 јануари, петок – Нова година
7 јануари, четврток – Божик
9 март, вторник – Рамазан Бајрам, првиот ден
3 мај, понеделник – Велигден, втор ден
24 мај, понеделник – „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители
2 август, понеделник – Ден на Републиката
8 септември, среда – Ден на независноста
11 октомври, понеделник – Ден на народното востание
23 октомври, сабота – Ден на македонската револуционерна борба
8 декември, среда – „Св. Климент Охридски“
Календарот покажува дека 1 мај, Денот на трудот, во 2027 година паѓа во сабота, па согласно правилото за пренесување на празниците, тој не се префрла автоматски на понеделник. Исто така, 23 октомври е во сабота.
Празници за верските и етничките заедници
Покрај празниците за сите граѓани, во текот на годината има и неработни денови за припадниците на различни верски и етнички заедници.
За православните верници неработни се:
6 јануари – Бадник
19 јануари – Богојавление (Водици)
30 април – Велики Петок
18 јуни – петок пред Духовден
28 август – Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица)
За католичките верници:
28 март – Велигден
29 март – вториот ден на Велигден
1 ноември – Сите Светци
25 декември – Божик
За муслиманските верници:
16 мај – Курбан Бајрам, првиот ден
За припадниците на српската заедница:
27 јануари – Свети Сава
За ромската заедница:
8 април – Меѓународен ден на Ромите
За влашката заедница:
23 мај – Национален ден на Власите
За бошњачката заедница:
28 септември – Меѓународен ден на Бошњаците
За еврејската заедница:
11 октомври – Јом Кипур, првиот ден
За албанската заедница:
22 ноември – Ден на албанската азбука
За турската заедница:
21 декември – Ден на наставата на турски јазик.
Неколку интересни датуми за продолжен одмор
Во 2027 година 24 мај е понеделник, па празникот „Св. Кирил и Методиј“ директно се надоврзува на викендот.
И 2 август паѓа во понеделник, како и 11 октомври, што значи дека и овие два празника носат тридневен одмор за граѓаните.
Најдолгата празнична низа за сите граѓани во календарот се појавува во почетокот на мај: 1 мај е сабота, 2 мај е Велигден, а 3 мај е вториот ден на Велигден и неработен ден за сите граѓани.

Македонски


