
Новинарот и публицист Киро Кипроски почина утрово на 76-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја соопштија членови на неговото семејство.
Во текот на својата петдецениска кариера, тој најдолг период помина работејќи во локалното радио Радио Гостивар. Исто така, соработуваше како дописник со МИА, Нова Македонија, Утрински Весник, Макфакс, Радио Скопје, Екран, Дојче Веле, како и со повеќе неделници и списанија од поранешна Југославија.
Кипроски е автор на петнаесетина монографии и книги, за кои има добиено и награди.
На пошироката публика и е познат по своите репортажи и фотографии од патувањата на Света Гора, во Кина, Египет, како и по приказите на спецификите на мијачкиот крај.
Киро Кипроски беше препознатливо лице на манифестацијата „Галичка Свадба“ и ги следеше сите нејзини изданија.