
Заменик директорот на ЈП Национални шуми Кире Михаилов, сподели дека денеска заедно со Сашо Стошевски , директорот на општата болница во Куманово ја посетиле нивната колешка Катица, директорката на шумското стопанство во Куманово која вчера при гаснење на пожарите во општина Старо Нагоричане во близина на селото Длабочица, беше повредена при што итно беше хоспитализирана и подложена на тешка операција.
Благодарение на целиот персонал на кумановската болница, операцијата поминала во најдобар ред и Катица е добра.
Она кое што морам да го напишам е дека за мене, нашата колешка Катица, не само што е самохрана мајка и директорка на шумското во Куманово, не само што е моја прекрасна колешка, за мене Катица е хероина на која треба да се огледаат многумина. За мене лично, ако илинденците на крајот на 19-от век, а партизаните на средината на 20-от век се хероите во нашата историја, ваквите како Катица се хероите на почетокот на 21 век. Тие херои се луѓето кои на било кој начин ги жртвуваат својот мир и спокој, луѓето кои ги жртвуваат своето здравје и живот за доброто на Македонија и сите нејзини граѓани. Оваа слика нека одзвучува во мислите на секој оној кој намерно или ненамерно ќе запали оган и ќе предизвика пожар. Оваа слика нека биде поттик за она кое не треба за се прави, а уште поголем поттик поради тоа што недај Боже може да се случи. „Колеги, Вашата храброст најчесто се граничи со лудост” – напишав пред некој ден, а сега повторно гласно ги повторувам тие зборови кои се однесуваат не само на Катица, туку на сите наши колеги од ЈП “Македонски Шуми”. Тоа се зборови кои се однесуваат и на сите колеги од противпожарните единици, за сите колеги од МВР и шумската полиција, тоа се зборови кои се однесуваат за сите вработени во било која од институциите, доброволци и граѓани кои на било кој начин учествуваат во справување со овие и сите непогоди кои и се закануваат на нашата татковина и нашите сограѓани. Со помин и побрзо оздравување Катица!
Здрави и живи да сте ми сите!
Вечна да ни биде МАКЕДОНИЈА!, порача Михаилов.