
Претставници на Енциклопедија Британика поднесоа тужба против ОпенАи во федералниот суд во Њујорк, наведувајќи неовластена употреба на нејзините статии и дефиниции за обука на системи за вештачка интелигенција, вклучувајќи го и популарниот Четџипити.
Во тужбата се тврди дека ОпенАи копирал речиси 100.000 статии и дефиниции од енциклопедии и други референтни материјали за обука на своите модели на големи јазични системи, објавува „Ројтерс“.
Енциклопедија Британика тврди дека резултатите генерирани од Четџипити понекогаш се „скоро идентични“ копии од оригиналните текстови и додава дека таквата практика ги одвлекува корисниците од нејзините страници, со што се намалува интернет сообраќајот и потенцијалните приходи од содржината.
Во тужбата се тврди и за повреда на трговска марка, бидејќи Четџипити понекогаш погрешно ја наведува Енциклопедија Британика како извор на неточни одговори на вештачката интелигенција.
Случајот е дел од поширок бран судски спорови во индустријата за вештачка интелигенција, во кој авторите, издавачите и медиумите тужат технолошки компании за користење содржина заштитена со авторски права за обука на системи за вештачка интелигенција без дозвола.
Британика поднесе слична тужба против стартапот „Перплексити АИ“ минатата година, која сè уште е во тек.
Компаниите што развиваат модели на вештачка интелигенција тврдат дека обуката на системот на постоечки текстови е форма на таканаречена „фер употреба“, бидејќи содржината се трансформира во нови одговори генерирани од алгоритми.
Енциклопедија Британика бара парична отштета, чија висина не е прецизирана, како и судска наредба со која ќе ѝ се забрани на компанијата ОпенАИ понатамошно користење на нејзината содржина без дозвола.
Енциклопедија Британика е енциклопедија на општо знаење на англиски јазик што се објавува од 1768 година, а од 2016 година исклучиво во онлајн формат.

Македонски

