Skip to main content

ЦИА го објави извештајот за Ковидот: Вирусот излегол од лабораторија?

ЦИА во саботата ја објави најновата проценка за потеклото на пандемијата Ковид-19, во која се наведува дека е „поверојатно“ коронавирусот да „излегол“ од кинеска лабораторија отколку да се пренел од животни на луѓе.

Сепак, агенцијата предупреди дека за ова тврдење има „низок степен на доверба“.

Портпаролот на ЦИА рече дека врз основа на достапните извештаи „поверојатно е потеклото на пандемијата да е поврзано со истражување отколку да има природно потекло“.

Според Би-Би-Си, одлуката за објавување на оваа проценка е една од првите донесени од новиот директор на ЦИА, Џон Ретклиф, кој е назначен од Доналд Трамп. Ретклиф, кој служеше како директор на националното разузнавање за време на првиот мандат на Трамп, долго време се залагаше за теоријата за протекување од лабораторија, тврдејќи дека вирусот најверојатно потекнува од Институтот за вирологија во Вухан.

Институтот се наоѓа на 40 минути возење од пазарот Хуанан, каде што е забележан првиот кластер на инфекции.

Во интервјуто за Breitbart News, објавено во петокот, Ретклиф изјави дека сака ЦИА да заземе поактивен став за потеклото на вирусот. „Една од работите за кои многу зборував е заканата од Кина на повеќе фронтови’.

„Тука е прашањето зошто милион Американци умреле а ЦИА не направила проценка за потеклото на Ковид веќе пет години“, рече Ретклиф.

Официјални лица за американските медиуми изјавија дека новата проценка не се заснова на нови разузнавачки информации и датира од пред администрацијата на Трамп. Ревизијата, наводно, била наредена во последните недели од администрацијата на Бајден и завршена пред Трамп да ја преземе функцијата во понеделник.

Извештајот од саботата се заснова на „ниско ниво на доверба“, што значи дека разузнавачките податоци што го поддржуваат не се доволно робусни, убедливи или се контрадикторни.

Теоријата за „природното потекло“, со која се тврди дека вирусот природно се пренесел од животните на луѓето, ја поддржуваат многу научници.

Од друга страна, хипотезата за протекување од лабораторија предизвика жестока дебата, при што многу научници посочуваат дека не постојат цврсти докази за тоа. Кина претходно ги отфрли тврдењата за лабораториско потекло, нарекувајќи ги „политичка манипулација“ од Вашингтон.

Сепак, оваа некогаш контроверзна теорија добива на сила меѓу некои разузнавачки агенции.

Во 2023 година, директорот на ФБИ Кристофер Вреј изјави за Фокс њуз дека проценката на неговата канцеларија е дека „најверојатното потекло на пандемијата е потенцијален лабораториски инцидент“.

Поврзани вести