
Богатите припадници на „генерацијата Зет“ (ген. З) трошат значително повеќе пари на уметнички дела од купувачите од која било друга генерација, се вели во напис објавен денеска од организаторот на Меѓународниот саем за современа уметност „Арт Базел“ (Art Basel) и швајцарската банка УБС (UBS).
Истражувањето спроведено меѓу 3.100 богати купувачи откри дека, во текот на 2025 година и првата половина од оваа година, „ген. З“ троши двојно повеќе пари на уметнички дела отколку припадниците на постарите генерации. Истражувањето што ги дефинира припадниците на „ген. З“ како лица на возраст од 20 до 29 години, покажа дека втората група по висината на потрошувачката биле „бејби-бумерите“ (оние на возраст од 62 до 80 години). По нив следат милениумците (30 до 45 години), додека богатите припадници на „генерацијата Икс“ (46 до 61 година) биле најштедливи кога станува збор за купување уметност.
Во просек, анкетираните млади од „ген. З“ потрошиле 347.000 долари на уметнички дела минатата година, додека просечниот износ потрошен од нивните врсници од генерацијата Икс изнесувал 79.000 долари. Околу 40 отсто од испитаниците од „ген. З“ го навеле семејното влијание како главна причина поради којашто почнале да собираат уметнички дела. Испитувањата покажаа и оти помладите колекционери им даваат предност на традиционалните категории, како што се сликарството и скулптурата.
Исто така, во истражувањето се наведува дека речиси половина од испитаниците ја ценат уникатноста и реткоста на уметничкото дело повеќе од поседувањето дело што е високо ценето од познавачите или другите колекционери.
Учесници во истражувањето биле поединци чиј нето-имот за 2026 година – исклучувајќи ја вредноста на недвижнините и сопственоста во приватни компании, надминува милион долари. Наводите покажуваат и зголемена употреба на вештачка интелигенција пред купувањето уметнички дела, при што околу 22 отсто од колекционерите денес користат ВИ, во споредба со скромните четири отсто во 2024 година.

Македонски


