Skip to main content

Знаеме дека доаѓа „мегаземјотрес“, велат испаничените граѓани на Истанбул

Граѓаните на Истанбул се уште се во шок по земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди околу 40 километри југозападно, во Мраморното Море. Земјотресот е регистриран на длабочина од 15 километри и силно се почувствувал низ градот, а тлото се тресело сѐ до Анкара.

Селин Тутер била во канцеларија во зграда лоцирана во европскиот дел на Истанбул кога сè почнало да се тресе.

Најпрво мислела дека несвестицата е причината поради која ја „изгубила“ земјата под нозете, а потоа слушнала нешто како татнеж. Како што рекла, изгледало како некој да удира одоздола.

Сите ги фати паника, многумина почнаа да трчаат, вели Селин.

Таа посочува дека цела Турција се уште се плаши од земјотреси, особено по оној што го погоди југозападниот дел на земјата и Сирија во 2023 година и однесе 55.000 животи.

Многу луѓе кои живеат во Истанбул знаат дека се очекува „мегаземјотрес“. Луѓето се прашуваат дали ова е вовед, вели загрижен жител на Истанбул.

Да потсетиме дека по два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,8 степени според Рихтеровата скала ја погодија Турција на 6 февруари 2023 година, експертите посочија дека е можно слично сценарио да се случи и во Истанбул.

Сеизмологот проф. Д-р Начи Горур пред две години за медиумите изјави дека не е исклучено овој милионски град да биде погоден од разорен земјотрес.

Некои научни истражувања покажуваат дека „времето за Истанбул се наближува. Едно од студиите вели дека Истанбул ќе биде погоден од силен земјотрес за 30 години, а сега веќе поминаа 23“, рече Горур во 2023 година.

Професорот тогаш рече дека експертите очекуваат удар од максимална магнитуда од 7,5 степени според Рихтеровата скала.

Да потсетиме дека минатата година низ градот беа објавени предупредувања. Имено, на бројни локации во градот беа поставени знаци за предупредување за цунами кои ги повикуваат граѓаните итно да се евакуираат во повисоките делови на градот, што подалеку од Босфорот.

Првите знаци беа поставени во Бујчекмече, кој се наоѓа во европскиот дел на градот и покрај густо населениот брег, одвоен од морето само со плажи и шеталиште. Предупредувања беа објавени и во централниот дел на Истанбул.

Претходно, професорот по динамичка тектоника, применета геологија и управување со природни катастрофи и претседателот на OASP, Ефтимиос Лекас, предупреди на голем земјотрес во Истанбул и додаде дека сеизмолозите од целиот свет направиле слични проценки.

Северноанадолскиот расед, кој започнува од Каспиското Море и завршува во Егејското Море во должина од 1.300 километри, има само еден дел кој не се скршил и не предизвикал голем земјотрес, а тоа е оној што се наоѓа под морето јужно од Истанбул“, изјави тој за ЕРТ минатата година, во врска со проценките дека се очекува силен земјотрес до 7.5 степени.

Притоа, тој појасни дека не се работи за нов расед туку за голема тектонска структура која е гранка на северноанадолискиот расед. Вториот крак е оној од Никомедија кој минува низ Бурса и се дели на два крака, на 50 километри јужно. Тој рече и дека насоката оди кон Грција.

Двете раседи имаат една насока Исток, Запад. Затоа и двете раседи имаат проекција во Егејското Море, а не во континенталната област на Грција. Ова не се само проценки на турските сеизмолози, туку кореспондираат со проценките од целиот свет. Значи, во моментов се претпоставува дека очекуваме голем земјотрес во Истанбул“, рече Лекас.

Поврзани вести