САД и Европската унија треба да им се придружат на Украина и Русија на преговарачката маса во идните мировни преговори, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за американските медиуми.
Разговорите за војна кои не ја вклучуваат Украина се „многу опасни“, рече Зеленски, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот тим веќе е ангажиран во „многу сериозни“ разговори со Русија за тоа како да се стави крај на војната во Украина.
Тие можеби имаат свои односи, но да се зборува за Украина без нас е опасно за сите, рече Зеленски, осврнувајќи се на претходните изјави на Трамп.
Зеленски посочи дека првиот чекор за Украина е да одржи средба на високо ниво со Трамп, за да можат Киев и Вашингтон да развијат сопствени планови за прекин на огнот, а потоа страните да преминат на разговори во кои е вклучена и Русија.
Верувам дека, пред сè, треба да одржиме состанок со Трамп и тоа е важно. Патем, тоа е нешто што сите во Европа го сакаат, рече Зеленски.
Тој посочи дека по таа средба треба да се премине „на некаков формат на разговори со Русите“.
И би сакал да ги видам САД, Украина и Русите на преговарачка маса… А, да бидам искрен, треба да биде присутен и гласот на Европската унија. Мислам дека тоа би било фер и ефективно. Но, како ќе испадне, не знам, рече Зеленски.
Тој додаде дека Москва не е заинтересирана за одржување мировни преговори поради нејзината предност на бојното поле, но дека Трамп би можел да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да преговара со закана за построги санкции кон Русија.
Зеленски додаде дека САД треба да продолжат да му доставуваат оружје на Киев.
Мислам дека ова се најблиските и најважните чекори, рече Зеленски.
Украинскиот претседател се осврна и на коментарите на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој на 30 јануари рече дека војната ја вратила Украина „100 години назад“.
Зеленски оцени дека Рубио „треба да дојде во Украина, пред сè, да види што направила Русија“.
Но, да видиме и што направил украинскиот народ и што би можел да направи за безбедноста на Украина и светот, заклучи украиснкиот претседател.