Skip to main content

Во Холандија се зголемува бројот на пациенти кои преживуваат рак

Freepik

Бројот на пациенти со рак во Холандија се зголемува, а истовремено расте и процентот на пациенти кои се уште се живи четири години по поставување на дијагнозата, покажува најновиот извештај на Холандскиот центар за рак (ИКНЛ) што го објавија денеска локалните медиуми.

Бројот на луѓе кои го преживеале ракот се зголемува во просек за околу еден процент годишно, што значи дека има околу илјада повеќе од нив секоја година, покажува извештајот на ИКНЛ, објавува „Nl Times“.

Пред триесет години, 51 процент од пациентите со рак биле живееја четири години по дијагнозата, а тој број сега се зголеми на 72 проценти.

Службеникот на ИКНЛ, Ото Висер, ваквото драстично подобрување го припишува на новите истражувања, додавајќи дека е јасно дека новите третмани и лекови навистина функционираат.

Бројот на постари пациенти кои ја преживуваат болеста значително се зголемил во последните 15 години, иако во таа категорија е сè уште значително помал отколку кај помладите луѓе.

Пациентите под 65 години имаат десет проценти поголеми шанси за преживување на ракот отколку постарите.

Висер посочи на напредокот на методите на лекување, како што се поуспешни операции, поширока употреба на хемотерапија или трансплантација на матични клетки, кои првенствено се насочени кон помладите пациенти бидејќи тие подобро ги толерираат таквите интензивни третмани од постарите лица.

Истражувањата, исто така, покажуваат дека некои видови рак се многу полесни за лекување, при што пациентите со рак на кожа, дојка, простата и тестиси имаат највисока стапка на преживување од 90 проценти.

Пациентите со рак на панкреас и метастатски канцер, кај кои лекарите не знаат каде започнала болеста, имаат најмали шанси за преживување, а помалку од 10 проценти од пациентите со овие видови рак преживуваат, покажува извештајот на Холандскиот центар за рак -ИКНЛ.

Поврзани вести