Skip to main content

Венс: САД никогаш не ветиле примирје во Либан во рамки на договорот со Иран

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека САД никогаш не ветиле дека ќе го вклучат Либан во договорот за примирје со Иран, и покрај тоа што во Техеран можеби е стекнат поинаков впечаток.

„Ако Иран сака преговорите да пропаднат поради Либан, тоа е нивен избор“, рече Венс пред заминувањето од Будимпешта, оценувајќи дека тоа би било „глупаво“.

Претходно претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, на платформата Икс објави дека три клаузули од иранскиот предлог во десет точки се „отворено и јасно прекршени“, вклучувајќи го и предвиденото примирје во Либан.

Венс изјави дека ја видел таа објава и оти на неа гледа позитивно оттаму што, како што посочи, несогласување по само три точки е знак за широко согласување. Тој отфрли некои од тврдењата на Галибаф, но нагласи дека прашањето со Либан е „разумно недоразбирање“. „Примирјата секогаш се неуредни“, рече Венс додавајќи дека таквите договори никогаш не поминуваат без „бранувања“.

Израел започна серија интензивни напади врз центарот на Бејрут и на други локации во Либан, откако на сила стапи двонеделно примирје меѓу САД и Иран. Иранските официјални лица тврдеа дека договорот го вклучува и Либан, додека Израел и САД инсистираат дека Либан не е дел од примирјето.

Во врска со Ормускиот теснец, Венс рече дека има сигнали за негово отворање за поморски сообраќај, додека иранските власти тврдат дека останува затворен. Претходно Иран предупреди дека бродовите што ќе се обидат да минат без одобрување ќе бидат уништени.

Претставничката на Белата куќа, Керолајн Ливит, изјави дека Венс ќе ја предводи американската преговарачка делегација на мировните преговори во Пакистан предвидени да почнат в сабота. Во тимот ќе бидат и претседателскиот изасланик Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

МИА

Поврзани вести