Skip to main content

Венецуела прогласи седумдневна национална жалост поради, како што наведуваат, американска агресија

Властите во Венецуела прогласија седумдневна национална жалост во чест на лицата кои, според официјалните информации, загинале во одбраната на земјата за време на настаните од 3 јануари, кои владата ги опиша како американска агресија.

Врховната потпретседателка Делси Родригез во своето обраќање соопшти дека одлуката е донесена во чест на воените и цивилните жртви кои, како што наведе, загинале во одбраната на венецуелската сувереност и на претседателот Николас Мадуро.

Родригез повика на прекин на странското мешање во внатрешните работи на земјата и истакна дека Боливарската влада останува посветена на мирот, националната независност и суверенитетот. Таа повтори и тврдења дека претседателот Николас Мадуро и првата дама Силија Флорес се „киднапирани“ и задржани во Соединетите Американски Држави, најавувајќи дека властите ќе продолжат со напорите за нивно ослободување.

Во обраќањето, Родригез нагласи дека Венецуела, како што рече, располага со „консолидирана политичка моќ заснована на Народната моќ“, која ја опиша како клучна бариера против секоја форма на еднострана вооружена агресија.

Таа ги истакна и, според неа, основните права на венецуелскиот народ – правото на мир, татковина, национална независност, иднина и просперитет – повикувајќи на национално единство и заедничка одбрана на историјата и достоинството на земјата.

„Нема да се одморам додека Венецуела не се консолидира на патот на мирот и не го заземе своето место како слободна, суверена и независна држава“, порача Родригез, повикувајќи на заедничка работа за економска стабилност и социјална благосостојба на граѓаните.

Поврзани вести