
Советот на Европската Унија и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за постепено воведување на Системот за влез и излез (EES) — нов дигитален механизам за управување со граничните премини на Шенген зоната. Целта на системот е подобрување на безбедноста, намалување на злоупотребите при премините и модернизација на постапките на граничните контроли.
Благодарение на овој договор, земјите-членки ќе можат да имплементираат нов систем за управување со границите за регистрирање на влезот и излезот на граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ. Ова е добра вест и ќе ги поддржи нашите напори да ги одржиме нашите граници безбедни, изјави полскиот министер за внатрешни работи, Томаш Сјемоњак, пренесува веб-страницата на Советот на ЕУ.
EES ќе го замени досегашниот систем на рачно печатирање пасоши со дигитална евиденција која ќе содржи информации од патните документи, отпечатоци од прсти и фотографии од лицето на патниците. Системот ќе се однесува на сите државјани на трети земји, вклучително и граѓаните на Македонија, кои патуваат во една од 29-те европски земји за краткорочен престој.
Привремениот договор треба дополнително да биде формално потврден од Советот на ЕУ и Европскиот парламент, по што ќе следи негово официјално усвојување.
Постепено воведување
Фазната имплементација предвидува првично користење на EES на најмалку 10% од граничните премини во првиот месец. Во првите 60 дена, системот ќе функционира без биометриски функции, по што, најдоцна до третиот месец, најмалку половина од граничните премини ќе мора да користат и биометриски проверки.
Во меѓувреме, ќе продолжи печатирањето на пасошите сè додека системот целосно не се воведе.
Регулативата не утврдува точен датум на старт на имплементацијата, бидејќи за тоа е потребна дополнителна одлука од Европската комисија. Сепак, според одлуката на управниот одбор на агенцијата eu-LISA, која е задолжена за техничката имплементација, EES ќе започне со работа во октомври 2025 година.
Можност за исклучоци
Во исклучителни околности, како интензивен сообраќај и долги редици на граничните премини, земјите-членки ќе имаат можност да го суспендираат користењето на EES целосно или делумно на одредени гранични точки.
Што следува по EES?
Наредниот чекор во дигитализацијата на европските граници ќе биде воведувањето на системот ETIAS (Европски систем за информации и овластување за патување), кој ќе стартува во последниот квартал од 2026 година. Патниците од земји надвор од ЕУ ќе мора однапред да добијат дозвола за патување, која ќе чини седум евра.
Земји опфатени со EES
Системот EES ќе се користи во сите земји на Шенген зоната: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
На Кипар и Ирска, засега, останува да се применува рачниот систем со печатирање на пасоши, но и тие ќе бараат овластување преку ETIAS за патување во ЕУ.
Со новите дигитални алатки, ЕУ ја зацврстува својата стратегија за поефикасно и безбедно управување со надворешните граници, со амбиција да ги усогласи сите процеси во наредните неколку години.