Skip to main content

Трамп: Тоа беше 12-дневна војна, и мислиме дека е готово, не верувам дека повторно ќе тргнат еден против друг

Official White House Photo by Daniel Torok

Американскиот претседател Доналд Трамп, по состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, имаше обраќање во кое пред се и за заблагодари на Холандија за организирањето на самитот на НАТО и ја пофали американската војска.

Тој повторно ги истакна американските напади врз иранските нуклеарни постројки нарекувајќи ги „уништување“.

– Оваа неверојатна демонстрација на американската сила го отвори патот за мир со историски договор за прекин на огнот доцна во понеделникот, рече тој.

Трамп уште еднаш ја нагласи својата улога во посредувањето за прекин на огнот меѓу Израел и Иран.

– Ние тоа го нарекуваме 12-дневна војна. Разговарав со неколку луѓе. Мислам дека тоа едноставно звучеше како вистинско име. Тоа беше 12-дневна војна, додаде тој. „И мислиме дека е готово. Не верувам дека повторно ќе тргнат еден против друг. Мислам дека нема.“

Тој додаде дека Соединетите Американски Држави „повторно ја потврдиле веродостојноста на американското одвраќање“, кое е „уникатно“.

Американскиот претседател се осврна на војната во Украина изразувајќи надеж „дека наскоро ќе го решиме тоа“.

Тој повтори изјави кои веќе повеќе пати ги даде: „Тоа никогаш не требаше да се случи, никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател. Тоа го кажав илјада пати.“

Трамп истакна дека е клучно зголемувањето на трошоците за НАТО да биде насочено кон „многу сериозна воена опрема, а не бирократија“ и додаде дека се надева оти таа опрема „ќе биде произведена во Америка, бидејќи ја имаме најдобрата воена опрема во светот“.

Американскиот претседател се осврна и на иранскиот напад на американската база Ал-Удеид во Катар.

– Беа многу љубезни, ни дадоа предупредување, рече Трамп за нападот на американската база. „Од 14 врвни проектили кои беа испукани кон базата во Катар, сите 14, како што знаете, беа соборени од нашата опрема“, рече тој.

– Беа многу љубезни. Ни дадоа предупредување. Рекоа, ќе ги испукаме. Дали 13 часот е во ред?“, продолжи тој.

„Сите беа евакуирани од базата за да не бидат повредени, освен топџиите“.

На прашањето зошто е толку уверен дека конфликтот е завршен, Трамп рече дека и Иран и Израел се „уморни“.

Затоа што имав работа со двете страни и двете се уморни, исцрпени. Се бореа многу, многу жестоко и многу насилно, и двете беа задоволни да си одат дома и да се повлечат“, појасни Трамп.

„Може ли повторно да започне? Претпоставувам дека може, можеби би можело да започне наскоро“, додаде тој.

„Не гледам дека тие повторно ќе се занимаваат со нуклеарна програма“, рече тој за Иран.

На прашање дали се потпира на израелските разузнавачки служби за проценка на ефектот од американските напади врз иранските нуклеарни постројки, Трамп директно одговори: „Не“.

– Собравме дополнителни разузнавачки податоци и разговаравме со луѓе кои ја видоа локацијата. Локацијата е уништена, и мислиме дека сè нуклеарно е таму долу. Не успеаја да го изнесат, додаде тој.

Одговарајќи на прашањето дали Владимир Путин има територијални амбиции надвор од Украина, американскиот претседател Доналд Трамп рече: „Можно е.“

– Знам едно, тој би сакал да го реши тоа. Би сакал да излезе од ова, тоа му е хаос, рече тој.

Трамп наброја неколку конфликти кои САД ги „решиле“, вклучувајќи го неодамнешниот конфликт меѓу Индија и Пакистан, и рече дека смета дека досега требало да ја завршат војната меѓу Украина и Русија.

Тој додаде дека мисли дека рускиот претседател „бил во заблуда“ и рече: „Всушност сум многу изненаден. Мислев дека требаше лесно да го решиме тоа.“

На прашањето дали е заинтересиран за обнова на нуклеарните преговори со Иран, американскиот претседател рече дека „не е заинтересиран“.

– Како што јас гледам, тие се бореа, војната е завршена, рече тој.

„Би можел да добијам изјава дека нема да одат кон нуклеарно оружје. Веројатно ќе го бараме тоа, но тие и онака нема да го прават тоа“.

Откако накратко му даде збор на својот шеф на дипломатијата, Марко Рубио, кој рече дека се отворени за секој што сака мир, Трамп повторно беше прашан за неговиот став.

– Видете, ќе разговараме со нив следната недела, со Иран. Можеби ќе потпишеме договор. Не знам“, рече тој.

„За мене, не мислам дека тоа е толку неопходно. Мислам, имаа војна. Се бореа. Сега се враќаат во својот живот. Не ми е важно дали имам договор или не. Единствено што би побарал е она што го баравме и претходно – сакаме да нема нуклеарно оружје, но ние го уништивме нуклеарното“, додаде тој.

Коментирајќи го состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот претседател рече дека било „многу убаво“.

– Беше всушност многу убаво. Знаете, имавме малку тешки моменти. Не можеше да биде пољубезен. Мислам дека тој би сакал да види крај на ова. Јас навистина мислам така, рече Трамп за својот состанок со Зеленски на самитот. „Ќе разговарам со Владимир Путин, да видиме дали можеме да го завршиме тоа“.

На прашањето дали разговарал за прекин на огнот со Зеленски, одговори: „Не, не, само сакав да знам како е тој.“

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе ја натера Шпанија да плаќа повеќе откако шпанската влада изјави дека сака издвојувањата за одбрана да останат на два проценти од БДП.

– Тие работат многу добро, економијата им е многу добра, а таа економија би можела да биде уништена ако се случи нешто лошо“, рече тој.

– Преговараме со Шпанија за трговски договор, ќе ги натераме да платат двојно повеќе. Всушност, сериозен сум во врска со тоа, рече Трамп.

Поврзани вести