Skip to main content

Трамп сака да ја намали зависноста од кинеските ретки земни елементи преку длабокоморска експлоатација на Тихиот Океан

Фото: Facebook/Donald J.Trump

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува указ за создавање резерви од метали ископани од дното на Тихиот Океан, со цел намалување на зависноста од Кина во однос на снабдувањето со материјали за батерии и ретки земни елементи, пишува „Фајненшал тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори.

Планот предвидува создавање значителни резерви од овие суровини на територија на САД, кои би можеле да се активираат во случај на конфликт со Кина или прекин на увозот. Иницијативата доаѓа во период кога Пекинг воведе нови ограничувања за извоз на ретки земни елементи како одговор на царинските мерки на Трамп.

Овие елементи се клучни за современи технологии – од паметни телефони до батерии за електрични возила и воената индустрија. САД сè уште увезуваат најголем дел од потребните материјали, главно од Кина.

Покрај создавање резерви, мерките вклучуваат и забрзување на административните процедури за издавање дозволи за длабокоморска експлоатација и развој на капацитети за преработка на копно.

Според достапните податоци, Кина моментално произведува околу 90 отсто од преработените ретки земни елементи на глобално ниво.

Поврзани вести