Skip to main content

Трамп потпиша наредба за заострени изборни правила во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се заоструваат изборните правила во САД, соопшти Белата куќа.

Наредбата што беше парафирана синоќа предвидува создавање национални списоци на лицата со право на глас, засилени проверки на државјанството на гласачите и нови правила при гласањето преку пошта.

Белата куќа соопшти дека целта на измените е да се зајакне интегритетот на изборите и да се обезбеди дека само американски државјани гласаат, независно што повторените ревизии покажаа исклучително ниско ниво на можност за изборни измами во САД.

Наредбата на Трамп предвидува Департментот за внатрешна безбедност да создаде национални списоци на потврдени американски државјани, со цел да се олесни споредувањето со гласачките регистри и да се спречи случајно или намерно гласање на лица што не се државјани на САД.

Присуството на лице на тие списоци не значи автоматско право на глас – гласачот сепак мора да се регистрира во својата сојузна држава и да ги исполни сите законски услови.

Мерките се контроверзни, бидејќи изборите се надлежност на сојузните држави.

Критичарите предупредуваат дека националните списоци и построгите проверки можат да ги ограничат правата на легално регистрираните гласачи, додека поддржувачите велат дека ја зајакнуваат довербата во изборниот процес и го намалуваат ризикот од измами.

Наредбата треба да стапи на сила веќе на среднорочните избори закажани за 3 ноември, но критичарите предупредуваат дека тоа може да претставува мешање во надлежностите на сојузните држави.

По поразот на изборите во 2020 година што се уште не го признава, Трамп повеќепати изнесуваше обвинувања за измами при гласањето, особено при гласањето преку пошта. При потпишувањето на наредбата Трамп рече дека имал „тројна убедлива победа“.

Поврзани вести