Skip to main content

Средба Трамп-Зеленски утре на маргините на Самитот на НАТО

Принтскрин од видео

Средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп е закажана за утре на маргините на самитот на НАТО во Хаг, изјави висок официјален претставник на украинското претседателство.

Средбата е планирана за утре попладне и „тимовите сега ги финализираат деталите“, рече анонимниот официјален претставник.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак денеска изјави дека во разговор со шефот на американската дипломатија, Марк Рубио станало збор за подготовките за средбата меѓу двајцата лидери.

САД ја потврдија својата непоколеблива поддршка за прекинот на огнот“, објави Јермак на социјалната мрежа Икс.

Украинскиот официјален претставник рече дека Зеленски, чиј однос со Трамп е комплициран, ќе зборува за санкциите против Русија, која ја нападна неговата земја во 2022 година, и за купување оружје од Вашингтон.

Разговорите ќе се однесуваат на продолжувањето на западниот притисок врз Русија, поконкретно санкциите и намалувањето на ценовниот плафон за продажба на руска нафта, која останува клучен извор на приход на Москва што ѝ овозможува да ја финансира војната, додаде истиот извор. Украина бара ценовниот плафон на руската нафта да се намали на 30 долари за барел, што беше утврдено на 60 долари за барел од водечките западни сили во 2022 година.

Друга важна тема за време на разговорите ќе биде купувањето американско оружје од страна на Киев, вклучително и голем дел од системот за воздушна одбрана, рече изворот, во време кога украинските градови се под секојдневно руско бомбардирање.

САД се главен снабдувач со оружје на Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, но американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да се приближи до Русија во пресврт во однос на пристапот на администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден и не даде никаква нова воена помош на Украина.

Зеленски постојано повторуваше дека сака да разговара со Трамп за купување голем контингент оружје, вклучително и системи за воздушна одбрана „Патриот“. Првата средба меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа на крајот на февруари заврши со спектакуларен вербален судир меѓу двајцата лидери. Оттогаш,

Трамп и Зеленски се сретнаа кратко во Рим во април, на маргините на погребот на папата, а требаше повторно да се сретнат во Канада на Самитот на Г7 во јуни, но американскиот претседател нагло го напушти настанот и средбата не се одржа.

Поврзани вести