Skip to main content

Советот на ЕУ одобри склучување на договор за Фронтекс и со Босна и Херцеговина

Советот на ЕУ денеска донесе одлука за потпишување на договор меѓу Унијата и Босна и Херцеговина за оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс).

Со ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, БиХ ќе стане четвртата земја од регионот, по Македонија, Србија и Црна Гора, што ќе има случено договор за Фронтекс со ЕУ.

Согласно одредбите од предлог-договорот, со него ќе се овозможи ЕУ и Босна и Херцеговина да организираат заеднички операции во кои ќе бидат вклучени припадници на Фронтекс и на граничните служби од БиХ.

Дополнително, тимовите на Фронтекс ќе може да бидат распоредени во БиХ и да им помагаат на своите босански колеги во управувањето со миграциските текови и справувањето со илегалната имиграција и прекуграничниот криминал.

За кончено склучување на договорот за Фронтекс со БиХ, согласност треба уште да даде и Европскиот парламент.

ЕУ во 2019 година усвои нова Регулатива за Фронтекс со која и се овозможува на Агенцијата да спроведува активности за контрола на границите, гранични проверки и регистрација на лица не само во Унијата, туку и на териториите на земји кои не се членки на блокот, врз основа на билатерален договор.

Советот на ЕУ во 2022 година одобри започнување преговори со партнерите од Западниот Балкан за склучување на договори за соработка со Фронтекс и оттогаш Унијата потпиша такви договори со Македонија, Србија и Црна Гора.

Поврзани вести