
Силен земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала денеска ја погоди провинцијата Баликесир во Турција. Земјотресот беше почувствуван во околните провинции, особено во Истанбул, Измир и Бурса. Само неколку минути по првиот потрес, истата област ја погоди уште еден земјотрес со јачина од 4,2 степени.
Според Американскиот геолошки институт земјотресот веројатно е почувствуван и на македонска, бугарска, грчка и кипарска територија.
Според податоците објавени на веб-страницата на Управата за катастрофи и вонредни ситуации на Турција (АФАД) потресот од 6,1 степен е регистриран со епицентар во областа Синдирги.
Утврдено е дека земјотресот, кој беше почувствуван во многу провинции во регионите Мармара и Егеј, се случил на длабочина од 5.99 километри.
Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, објави дека тимовите веднаш почнале со теренски проверки и скенирање на теренот во врска со земјотресот од 6,1 степен во областа Синдирги.
Во изјава на социјалните мрежи, Јерликаја потврди дека сите тимови од АФАД и релевантните институции веднаш започнале со теренски истражувања.
Јерликаја, во изјава за Си-ен-ен Турк, потврди дека земјотресот предизвикал материјална штета.
– Уништени се три згради и еден дуќан – изјави Јерликаја.
Една празна зграда, која веќе била оштетена во претходен земјотрес, се урнала по силниот потрес во Синдирги.

Македонски








