
Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, денеска изјави дека во последните месеци има приближување кон решение за неколку вооружени конфликти низ целиот свет, но дека војната најблиску до Унгарија е исклучок, претставувајќи уште поголема опасност од претходно.
„Генералното собрание на Обединетите нации вообичаено носи надеж за мир, но гледајќи ја ескалацијата на настаните и провоените ставови, немаме илузии. Во исто време, ова не значи дека не треба да вложиме максимални напори за да се осигураме дека Генералното собрание на ОН нè приближува до мирот“, рече Сијарто во објава на Фејсбук, пренесена од унгарската агенција МТИ.

По тој повод, Сијарто објави дека во текот на следната недела, Унгарија ќе ги поддржи сите иницијативи што го приближуваат мирот и ќе отфрли сè што претставува ризик од ескалација.
Генералното собрание на Обединетите нации, јубилејно – 80-то по ред, се одржува оваа недела во Њујорк.