
Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд денеска во Дамаск изјави дека неговата земја, заедно со Катар, ќе понудат финансиска поддршка за државните службеници во Сирија.
Тој не наведе детали за финансиската помош за Сирија обезбедена од Ријад и Доха.
Ал Сауд најави и дека ќе предложи Саудиска Арабија биде еден од главните поддржувачи на Сирија на патот кон обнова и економско закрепнување. Тој во Дамаск е придружуван од економска делегација на висок ниво, која со сириската страна ќе разговара за интензивирање на соработката во различни области.
Следните денови се очекуваат неколку посети на саудиски бизнисмени на Сирија, на кои ќе се разговара за инвестиции во енергетиката, земјоделството, инфраструктурата и други сектори, посочи ал Сауд.
Тоа не е прва помош од Саудиска Арабија и Катар за Сирија. На 27 април Ријад и Доха најавија дека ќе го отплатат долгот на Сирија кон Светска банка, што изнесува околу 15 милиони долари.
Голем дел од инфраструктурата на земјата е уништена за време на 14-годишната граѓанска војна. Новите сириски власти работат на повторно поврзување со меѓународните институции за да ја поддржат обновата на земјата, да ја оживеат економијата и да обезбедат укинување на санкциите.
Сириските власти се надеваат дека богатите земји од Персиски Залив ќе помогнат во обнова на земјата.