
Русија лансираше телекомуникациски сателит во вселената во име на Иран. Ракета „Сојуз“ лансирана од космодромот „Восточни“ во рускиот регион Амур, носи 20 сателити, објавија денеска руските медиуми.
Меѓу нив се два руски сателити „Јоносфера-М“ и иранскиот телекомуникациски сателит „Нахид-2“.
„Нахид-2“, истражувачки и комуникациски сателит нарачан од Иранската вселенска агенција и развиен од Иранскиот светски истражувачки институт, тежи 110 килограми, според иранските медиуми.
Техеран вели дека сателитите не се стремат кон никакви воени цели.
САД и Израел стравуваат дека Иран би можел да ја користи вселенската технологија за изградба на воени ракети со долг дострел.
Фактот дека Русија лансира сателит во вселената за Иран не е ништо ново. На пример, во 2022 година, Москва лансираше сателит за надзор што го изгради за Иран.
„Вашингтон пост“ во тоа време напиша дека сателитот е способен да прави слики од Земјата со висока резолуција и дека Русија првично ќе го користи за својата војна против Украина.
Русија и Иран тесно соработуваат, првенствено поради западните санкции што ги оптоваруваат двете земји.
Сателитите „Јоносфера-М“ се дел од проектот „Јоносфера“, кој има за цел, меѓу другото, да ја набљудува јоносферата, најгорниот слој на атмосферата.
Според руските медиуми, сателитите „Јоносфера-М бр. 3“ и „Јоносфера-М бр. 4“ што сега се испраќаат во вселената се опремени со уреди за мерење на содржината на озон во атмосферата.