
Над 71 отсто од бугарските граѓани ги поддржуваат актуелните протести, покажува истражувањето на социолошката агенција „Мјара“, објавено денеска. Со 71,3 отсто поддршка, ова е сериозен удел, споредлив со времето на протестите во 2020 година, посочуваат од агенцијата.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека 21,4 отсто се против протестите, а 7,3 отсто не можат да формираат став.
Истражувањето било спроведено во периодот меѓу 27 ноември и 3 декември на примерок од 803 полнолетни Бугари. Од „Мјара“ објаснуваат дека теренската работа продолжила и за време на вториот масовен протест, а доколку истражувањето било спроведено целосно по најголемиот протест, резултатите би можеле да бидат и повисоки.
Податоците покажуваат и дека 49,8 отсто од граѓаните бараат оставка на Владата, додека 32,6 отсто се против тоа, а 17,6 отсто се колебаат. Предвремени избори преферираат 48 отсто, додека отфрлаат 35,8 отсто. Други 16,2 отсто не можат да формираат став.
Од „Мјара“ нагласуваат дека поддршката за протестите е распространета практично во сите опозициски електорати, како и меѓу оние кои не гласаат, додека контрастно изгледаат електоратите на партиите во владејачката коалиција.
Агенцијата забележува дека поддршката за протестите е очигледно поголема од убеденоста во различните перспективи потоа – при оставка и предвремени избори, зоните на колебање се посериозни и сè уште нема мнозинства над 50 отсто.
„Но, дури и при видливото колебање, сѐ повеќе преовладува очекувањето за оставка и избори. Ако на пролет, на пример, две петтини беа против оставка, а над една третина за оставка, во последните месеци нештата полека се менуваат и веќе 49,8 отсто од полнолетните Бугари се за оставка, додека една третина се против“, велат од агенцијата.
Сличен е трендот и кај барањето за избори – на пролет 44,7 отсто биле против нив, а 31,5 отсто „за“, но потоа следи постепено превртување до сегашната ситуација, каде што 48 отсто немаат проблем со нови избори, наспроти 35,8 отсто кои имаат.
„Понеобично овој пат е постепеното навикнување на идејата за предвремени избори. Оваа идеја традиционално повеќе се отфрлаше поради многуте вонредни избори во последните години. Сега очигледно и тоа се менува“, заклучуваат од „Мјара“.

Македонски







