
Рускиот претседател Владимир Путин во пресрет на дводневната официјална посета на Кина испрати порака до кинеските граѓани изјавувајќи дека е „радосен што повторно го посетува Пекинг“ на покана на својот „долгогодишен пријател“, кинескиот претседател Шји Џјинпинг.
Путин во видеообраќањето нагласи дека односите меѓу Русија и Кина се на „неспоредливо високо ниво“, засновани врз заемно разбирање, доверба и рамноправна соработка.
Тој додаде дека пријателството меѓу двете земји не е насочено против никого, туку има цел „мир и заеднички просперитет“, и истакна дека Русија и Кина сè поактивно соработуваат во политиката, економијата, одбраната и во хуманитарната сфера.
Според неговите податоци, трговската размена меѓу двете земји ја надминала границата од 200 милијарди долари, а поголемиот дел од плаќањата веќе се вршат во рубли и јуани.
Владимир Путин исто така ја поздрави воведената безвизна размена меѓу двете држави, која, како што рече, ќе придонесе за зголемена економска и туристичка соработка.
Посетата на Кина се очекува да вклучи разговори за клучни и чувствителни прашања, меѓу кои и соработката во енергетскиот сектор, соопшти советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.(МИА)

Македонски

