
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе возврати со напади врз „најчувствителните економски сектори“ на Украина, откако Киев во текот на летото ги засили нападите со беспилотни летала врз руска економска инфраструктура.
Путин оцени дека Украина со нападите врз руските економски цели ја „отворила Пандорината кутија“ и порача дека Киев треба да очекува одговор.
„Киевскиот режим се обиде да ѝ нанесе штета на нашата економија. Што направи? Сам ја отвори оваа Пандорина кутија. Тогаш, нека очекуваат одговор насочен кон нивните најчувствителни економски сектори“, изјави Путин за руски државен телевизиски новинар.
Украина во изминатиот период ја засили кампањата со напади со дронови врз руската економска инфраструктура, меѓу кои рафинерии за нафта и магацини на големи интернет-трговци. Киев тврди дека станува збор за инфраструктура значајна за руските воени напори.
Русија, од друга страна, возврати со напади врз украинската економска инфраструктура, вклучително и објекти и инфраструктура поврзани со извозот на украинско жито преку Црното Море.
Путин истакна дека нападите, кои го загрозуваат украинскиот земјоделски извоз, според него нема да предизвикаат недостиг на храна на светските пазари, бидејќи Русија би можела да надомести дел од изостанатиот украински извоз.
„Имаме потешкотии со испораката на нашата стока, но ќе ги решиме тие проблеми. Следствено, нема да има недостиг на светскиот пазар“, рече рускиот претседател.
Русија и Украина претходно беа дел од договор постигнат со посредство на Турција, со кој требаше да се обезбеди безбеден извоз на жито преку Црното Море, но Москва се повлече од договорот во 2023 година.
Путин повторно порача дека Москва е подготвена за мировни преговори, но само врз основа на, како што рече, „реалностите на теренот“. Воедно, ги отфрли предлозите што, според него, Украина ги доставила преку посредници, нарекувајќи ги „егзотични“.
Според информацијата на „Ројтерс“, изјавата на Путин доаѓа во услови на засилени напади од двете страни врз инфраструктурни и економски цели, што дополнително го зголемува притисокот врз трговијата и извозот во регионот на Црното Море.

Македонски


