
Првата дама на Кипар, Филипа Карсера, поднесе оставка од управниот одбор на хуманитарна организација поради корупциски скандал, само неколку дена откако земјата го презеде претседателството со Советот на Европската унија.
Во објава на нејзината Фејсбук страница, Карсера изјави дека официјално ќе ја објави својата оставка на состанокот на одборот на Независната агенција за социјална поддршка (AFKS) во понеделник.
Како причина, таа ги наведе „постојаните напади“ врз неа и нејзиното семејство на социјалните мрежи во текот на изминатите неколку дена, додавајќи дека побарала правен совет.
Овој потег следува по објавувањето на тајно снимено видео на мрежата X во четврток вечерта, што предизвика политичка криза.
Видеото содржи монтажа на високи функционери кои се чини дека опишуваат начини за заобиколување на ограничувањата за трошење на кампањата преку донации во готово, како и наводно дискутираат за шема што би им дала на бизнисмените пристап до претседателот и првата дама.
Еден дел споменува помагање на Русите да ги избегнат санкциите на Европската унија. Во видеото се тврди дека социјалните придонеси што ги плаќаат компаниите преку фондот AFKS, кој го управува првата дама, се злоупотребуваат со цел да се добие преференцијален третман.
Владата ги негираше обвинувањата изнесени во видеото и го нарече „хибридна активност“ насочена кон оштетување на угледот на владата и државата.
Според Кипарската новинска агенција, Кипар побарал помош од специјализирани тимови од САД, Израел, Обединетото Кралство и Франција за да го истражат потеклото на видеото и да утврдат кој го направил.
Оставката на првата дама дојде со три дена задоцнување, додека директорот на претседателската канцеларија сè уште останува на својата позиција“, соопшти опозициската партија АКЕЛ, додавајќи дека владата сè уште одбива да ги објави имињата на донаторите на фондот.
Според локалните медиуми, политичките партии што ја поддржуваат коалициската влада размислуваат да ја повлечат својата поддршка.
Кипар треба да одржи парламентарни избори во мај, додека следните претседателски избори се закажани за 2028 година.

Македонски




