Skip to main content

Пожарот во Лос Анџелес однесе најмалку пет жртви

Најмалку пет лица загинаа во пожарите што беснеат околу Лос Анџелес, соопштија властите откако во областа се регистрирани веќе шест пожари од вторникот досега. Најмалку 1.500 објекти се опустошени во вториот по големина град во САД, принудувајќи над 100.000 луѓе да ги напуштат своите домови.

Ураганските ветрови дополнително ја усложнија ситуацијата особено во луксузната област Пацифик Палисадес – најпосакуваниот недвижен имот во Калифорнија што го фаворизираат холивудските познати личности.

Нов пожар избувна синоќа во Холивуд Хилс, на само неколку стотини метри од познатиот булевар Холивуд, што предизвика наредба за евакуација на главниот град на светската забава.

Началникот на пожарната служба во округот Лос Анџелес, Ентони Мароне, рече дека неговите тимови се ужаснати од обемот и брзината на катастрофите што се случуваат.

Правиме се што можеме. Но, немаме доволно пожарникарски персонал во округот ЛА за да се справи со ова“.

Пожарот што беснее во Пацифик Палисадес проголта околу 6.500 хектари од вчера досега при што се уништени најмалку 1.000 домови и деловни објекти.

Пожар што зафати 4.300 хектари гори околу Алтадена, северно од градот, каде пламените јазици се на приградските улици.

Шерифот на округот Лос Анџелес Роберт Луна рече дека се знае дека загинале пет лица, а се стравува дека има повеќе смртни случаи.

Шефот на противпожарната служба во Пасадена, Чад Аугустин, изјави дека до 500 згради се изгубени во пожарот.

Од доцна синоќа активен е пожар во кањонот Ранион во срцето на Холивуд, блиску до историските места како што се кинескиот театар Грауман, Патеката на славните и театарот Ел Капитан.

Воведена е наредба за евакуација на голем број улици, се до булеварот Холивуд.

Извршниот директор на Одделот за вода и енергија во Лос Анџелес, Џенис Кинонес, ги замоли луѓето да штедат вода откако хидрантите во Пацифик Палисадес пресушпија.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп се огласи на својата платформа за социјалните медиуми тврдејќи – дека недостатокот на вода е резултат на еколошките политики на државата.

Всушност, голем дел од водата во Лос Анџелес доаѓа од реката Колорадо.

Американскиот претседател Џо Бајден го откажа патувањето во Италија оваа недела за да се фокусира на федералниот одговор на пожарите.

Правиме се и онолку долго колку што е потребно за да ги ограничиме овие пожари“, изјави Бајден претходно на новинарите.

Интернет страницата специјализирана за метео прогноза „Акуведер“ објави дека проценките се – 57 милијарди долари штети од пожарите досега.

Повеќе од 300.000 домаќинства се без електрична енергија во регионот, според веб-страницата outage.us. Комуналните претпријатија во Калифорнија често ги исклучуваат линиите за време на силни ветрови за да го минимизираат ризикот од нови пожари.

Научниците велат дека климатските промени предизвикани од човекот ги менуваат временските модели.

Јужна Калифорнија имаше две децении суша проследени со две исклучително влажни години, што предизвика голем раст на вегетација. Ветровите во областа се со околу 160 км/час и дополнително ја усложнуваат ситуацијата, јавија американскикте медиуми потсетувајќи дека  недостигот на дожд и исклучително високите температури на воздухот како и суша во изминатите шест месеци – е „нешто што не сме го виделе во записите од 1800-тите“. 

Поврзани вести