Skip to main content

Поради поплави и лизагање на земјиштето во Јапонија властите повикаа на масовна евакуција на населението

Фрипик / Илустрација

Јапонските власти денеска апелираа до неколку милиони луѓе да ги евакуираат своите домови поради поплави и лизгање на земјиштето што го погодија југозападниот дел од земјата по поројните дождови. Неколку лица се водат како исчезнати.

Снимките емитувани на јапонската телевизија покажаа куќи, продавници и автомобили потопени во вода висока околу еден метар во неколку области во префектурата Кумамото. Утрово повеќе од 37 сантиметри дожд – рекорд за регионот – паднаа во градот Тамана, кој беше најтешко погоден од дождовите, според Јапонската метеоролошка агенција.

Ситуацијата претставува смртоносна опасност и безбедноста мора веднаш да се обезбеди, предупредија метеоролозите, додавајќи дека „е потребна максимална будност“.

Вкупно, издадени се предупредувања и наредби за евакуација за повеќе од три милиони жители во југозападна Јапонија, според Агенцијата за управување со пожари и катастрофи. Околу 384.000 луѓе, кои претежно живеат во Кумамото, се под највисоко ниво на тревога, според истата агенција.

Еден човек од Коса, Кумамото, беше пријавен за исчезнат денеска откако свлечиште го затрупа неговиот дом, соопшти локален функционер. Во Мисато, друг град во префектурата, спасувачите се обидуваа да му помогнат на постар човек заробен во својот дом, кој исто така беше погоден од свлечиште, изјави локален функционер.

Две лица од големиот град Фукуока беа однесени од река вчера и сè уште се водат како исчезнати, објави јапонскиот јавен радиодифузен сервис НХК.

Поврзани вести