
Полска денеска го предупреди рускиот претседател Владимир Путин да не патува низ нејзиниот воздушен простор за самитот во Унгарија со американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека би можела да биде принудена да изврши меѓународен налог за апсење доколку тоа го стори.
Трамп минатата недела изјави дека планира да се сретне со Путин во унгарскиот главен град Будимпешта, во рамките на неговите напори да посредува за ставање лрај на војната во Украина.
Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг издаде налог за апсење на Путин во 2023 година, обвинувајќи го за воено злосторство незаконско депортирање на стотици деца од Украина. Русија не ја признава надлежноста на овој суд и ги негира обвинувањата.
– Не можам да гарантирам дека независен полски суд нема да ѝ наложи на владата да приземји таков авион и да го предаде осомничениот на судот во Хаг, рече полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски за Радио Родзина.
Налогот на МКС ги обврзува земјите членки на судот да го уапсат Путин ако стапне на нивна територија.
– Мислам дека руската страна е свесна за тоа. И затоа, ако дојде до самитот, се надевам со учество на жртвата на агресија, авионот ќе користи друга рута, додаде Шикорски.
Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан одржува добри односи со Русија, соопшти дека ќе обезбеди Путин да може да влезе во земјата за самитот и потоа да се врати дома.