Skip to main content

Петнаесет членки на ЕУ бараат промена на Директивата за данокот на тутунски производи

Freepik

Петнаесет земји членки на ЕУ изразуваат незадоволство од сегашната европска Директива за оданочување на производите од тутун и бараат нејзина промена.

Според дипломатски извори, министрите за финансии и економија на овие 15 земји упатиле писмо до Европската комисија во кое оценуваат дека постоечката законодавна рамка е застарена и е недоволна за справување со актуелните предизвиците на тутунскиот пазар и за регулирање на новите никотински производи.

Потписниците на писмото, исто така, забележуваат и дека продолжуваат проблемите со шверцот и илегалната трговија и производството на тутунски производи, што, според нив, резултира со нарушување на единствениот европски пазар.

Потсетувајќи дека Советот на ЕУ во јуни 2020, како и во февруари годинава ја повика Европската комисија да поднесе нов законодавен предлог или измена на постоечката Директива со цел справување со актуелните предизвици на пазарот на тутун, министрите изразуваат жалење што овие иницијативи не се вклучени во работната програма на ЕК за оваа година.

Министрите сметаат и дека измените на Директивата за оданочување на тутунот треба да се разгледаат независно од ревизијата на Директивата за тутунски производи.

Слична иницијатива лани во декември покренаа 16 земјите членки на ЕУ, барајќи со регулативата за оданочување да се опфатат и новите тутунски производи, како што се електронските цигари. Во споредба со декемвриската иницијатива, кон новиот предлог се приклучи и Австрија, но меѓу неговите потписници повеќе не се Португалија и Хрватска.

Поврзани вести