Skip to main content

Нова светска карта доби поддршка од Обединетите нации

Фрипик / Илустрација

Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која се поддржува користење на нов картографски приказ што попрецизно ја претставува реалната големина на државите и континентите.

Резолуцијата „Correct the Map“, предложена од земјите членки на Африканската унија заедно со Бахамите, беше изгласана со убедливо мнозинство. За документот гласаа 164 држави, една беше против, а шест земји беа воздржани – Естонија, Грузија, Литванија, Молдавија, Србија и Украина. Единствено Соединетите Американски Држави гласаа против.

Со иницијативата се настојува да се воведе поправеден и попрецизен приказ на светот, особено на Африка, чија површина на најкористените светски карти со години е значително потценета.

Најголем дел од денешните карти се засноваат на Меркаторовата проекција, создадена во 1569 година од картографот Герард Меркатор. Иако таа е исклучително корисна за навигација, значително ги искривува површините на државите што се наоѓаат подалеку од екваторот.

Поради тоа, на оваа проекција Гренланд изгледа речиси голем колку Африка, иако во реалноста Африка е околу 14 пати поголема. Слични искривувања се забележуваат и кај Јужна Америка, Бразил и други делови од светот.

Критичарите сметаат дека ваквиот приказ со децении влијаел врз перцепцијата за големината и значењето на одделни региони, особено на Африка, Латинска Америка и Јужна Азија.

Со усвоената резолуција се препорачува користење на проекцијата „Equal Earth“, развиена во 2018 година, која многу пореално ги прикажува релативните површини на континентите и државите.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро најави дека Франција ќе премине на користење карти засновани на оваа проекција, оценувајќи дека долгогодишните искривувања влијаат врз начинот на кој луѓето го доживуваат светот.

Иницијативата беше покрената од Африканската унија, која претходно годинава ја прифати проекцијата „Equal Earth“, а во резолуцијата се повикуваат и технолошките компании, меѓу кои и Google Maps, да соработуваат со државите и меѓународните организации за воведување попрецизни картографски прикази.