На вонредниот состанок на Координативната група за снабдување со гас, Европската комисија и земјите членки од Централна и Источна Европа, по проценката на ситуацијата, потврдија дека благодарение на ефективни подготовки и координација во регионот и пошироко, нема загриженост во однос на безбедноста на снабдување.
Европската комисија соопшти дека европската гасна инфраструктура е флексибилна, а снабдувањето се обезбедува по алтернативни патишта, како и со повлекување на гасот од складиштата.
„Снабдувањето со гас се обезбедува по алтернативни патишта и повлекување од складиштата. Европската гасна инфраструктура е флексибилна за прифаќање гас од неруско потекло“, се наведува во соопштението.
Дирекцијата за енергетика на Европската комисија соопшти, по повод истекот на договорот за транзит на руски гас преку Украина, дека ЕК и земјите-членки потврдуваат дека нема проблеми во снабдувањето со гас во новата година.
Во соопштението се наведува и дека новите капацитети за увоз на течен природен гас се значително зајакнати од 2022 година.
„Нивоата на складирање од 72 проценти се малку над просекот (69 проценти) за овој период од годината“. Комисијата одржува редовен мониторинг и комуникација со земјите-членки и учесниците на пазарот, со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето на најпогодените земји-членки и да се спречат шпекулации“, се заклучува во соопштението.
Договорот за транзит на руски гас преку Украина истече на 31 декември 2024 година.