Skip to main content

Луѓе умираат на бојното поле, а Трамп се потсмева: Макрон бесен поради изјавите дека бил „тепан од сопругата Брижит“

screenshot

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги отфрли коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата брачна ситуација, велејќи дека тие „дури и не заслужуваат одговор“.

Замолен за коментар на тврдењето на Трамп дека „сопругата на Макрон се однесува лошо кон него“ и дека „Макрон едвај се опоравува од ударот во вилицата“, францускиот претседател рече дека тие коментари не се „ниту елегантни, ниту соодветни“, објави телевизијата BFM.

Претседателката на францускиот парламент, Јаел Брон-Пивет, ги оцени коментарите на Трамп како несоодветни.

Во моментов зборуваме за иднината на светот. Нешто се случува токму во Иран што има последици за животите на милиони луѓе, луѓе умираат на бојното поле, а имаме претседател кој се смее и им се потсмева на другите – рече таа.

Пратеникот на левичарската партија „Непокорна Франција“, Мануел Бомпард, исто така, ги осуди коментарите на Трамп.

Вие сте свесни за обемот на моите несогласувања со претседателот Макрон, но Доналд Трамп да зборува за него и неговата сопруга на тој начин, тоа е апсолутно неприфатливо за мене – рече Бомпар.

За време на неговото синоќешно обраќање до нацијата Трамп рече дека Макрон одбил да испрати француски бродови за да им помогне на САД да ја отворат Ормуската Теснина во Персискиот Залив и дека Макрон бил „злоупотребуван од неговата сопруга“.

Неговата сопруга се однесува многу лошо кон него, тој едвај се опорави од ударот во вилицата – рече Трамп.

Американскиот претседател рече дека за време на телефонскиот разговор со Макрон, тој побарал од Франција помош за освојување на Ормуската Теснина, каде што Иран го блокирал поморскиот сообраќај.

Според него, Макрон го одбил барањето, изјавувајќи дека Франција може да испрати бродови „кога ќе се добие војната“.

Макрон вчера повтори дека Франција „не била консултирана“ за започнување војната од страна на САД и Израел против Иран и дека „не учествува“ во неа.

Поврзани вести