
Најмалку 19 лица се повредени синоќа, вклучувајќи и едно дете за време на огномет на фестивалот „Рајнкирмес“ во Диселдорф. Несреќата се случи кога пиротехничко средство експлодира во публиката, соопштија локалните власти.
Според полицијата и противпожарните служби, меѓу повредените имало најмалку едно дете, а четворица од повредените се здобиле со тешки повреди, пишува „Билд“.
Сведоци тврдат дека дури две ракети завршиле во публиката, а противпожарната служба соопшти дека повредените биле однесени во блиските болници, најверојатно со изгореници. Во времето на експлозијата, голем број пожарникари, амбулантни возила и полиција веќе биле на местото на настанот, и тие веднаш реагирале.
Сведоците рекле дека и посетителите помогнале, пружајќи прва помош. И покрај инцидентот, огнометот траеше неколку минути, а густ чад се издигаше над Рајна. Организаторите на фестивалот најавија дека разгледуваат дали огнометот ќе остане дел од програмата во идните години. Полицијата ја истражува причината за несреќата.