
На папата Лав XIV му е дијагностициран рак на белите дробови, соопшти синоќа неговиот медицински тим во болницата „Џемели“ во Рим, додавајќи дека за време на операцијата му бил отстранет долниот лобус од десното белодробно крило.
Поглаварот на римокатоличката црква (71) вчера имаше закажана операција за отстранување јазол од белите дробови, за која Ватикан соопшти дека поминала непречено и без компликации.
Понатамошните испитувања потврдија дека јазолот бил аденокарцином, облик на рак на белите дробови, соопшти медицинскиот тим од „Џемели“.
Папата помина околу три часа во операционата сала. По процедурата, која исто така вклучуваше и употреба на мали видеокамери, тој беше вратен во својата соба, каде што се очекува да помине околу една недела на закрепнување.
Остана нејасно како ќе продолжи неговото лекување. Лав засега не ја коментираше операцијата, пренесе ДПА.
Папата ја најави својата планирана операција во неделата, изјавувајќи дека јазолот бил откриен за време на прегледи во „многу рана фаза“ и дека бил „добро локализиран“.
На 71-годишна возраст, поглаварот на 1,4 милијарди католици во светот е сè уште релативно млад папа. Кога беше избран во мај минатата година, се шпекулираше дека пред него има долг понтификат, кој евентуално би траел неколку децении.
Патувањето вклучува и посета на градот Куско на надморска височина од 3.400 метри, што кај некои луѓе може да предизвика тешкотии со дишењето и висинска болест.
Објавувајќи ја операцијата пред десетици илјади верници на Плоштадот Свети Петар во неделата, Лав покажа отвореност во однос на здравствените прашања, што воопшто не е вообичаена пракса за папите.
Ватикан има традиција на строго чување во тајност на здравствената состојба на своите лидери сè додека болестите не станат очигледни – а понекогаш дури ни тогаш.

Македонски


