Skip to main content

Мерц положи заклетва како 10-ти канцелар на Германија

Фото: Facebook/Friedrich Merz

Германскиот конзервативец Фридрих Мерц денеска положи заклетва како канцелар пред претседателот Франк-Валтер Штајнмајер.

Мерц (69) беше избран за канцелар на второто гласање во Бундестагот.

„За“ Мерц гласаа 325 од вкупно 630 пратеници, а за неговиот избор беа потребни 316 гласови. На гласањето беа присутни 618 пратеници, од кои „против“ Мерц се изјаснија 289 пратеници, еден гласаше „воздржано“, а имаше и три неважечки гласови.

Мерц е првиот кандидат за канцелар кој не беше изгласан на првото гласање во повоената германска историја.

Неговата нова коалиција составена од неговите Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) само во Баварија и центролевичарската Социјалдемократска партија (СПД) – има 328 места, а на првото гласање Мерц доби поддршка од само 310 пратеници, шест гласа помалку од потребното мнозинство.

Мерц ќе го замени Олаф Шолц, чија трипартитна коалиција се распадна во ноември минатата година, поради што беа организирани предвремени парламентарни избори. По неколкунеделни преговори, конзервативците и СПД склучија коалициски договор што беше одобрен од сите три партии и вчера беше формално потпишан во Берлин.

Поврзани вести