Skip to main content

Маск со поддршка на десничарската партија АфД: Борете се за светлата иднина на Германија

Американскиот милијардер Илон Маск денеска преку видео врска ја даде својата поддршка на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) на предизборниот митинг во градот Хале, Германија, каде во февруари се закажани предвремени парламентарни избори.

„Во ред е да се биде горд што си Германец. Борете се за светлата иднина на Германија“, рече во живо најбогатиот човек на светот, пред неколку илјади собрани поддржувачи на АфД.

Маск ја повтори својата поддршка за партијата, за која рече дека ја отелотворува „најдобрата надеж за Германија“. Во својот говор, милијардерот ја пофали „германската нација, која датира илјадници години наназад“.

Според него, актуелната влада „агресивно ја потиснува слободата на изразување и затоа АфД мора да се бори за самоопределување на Германија и на земјите од Европа“.

Маск во последните неколку недели ја коментира внатрешната политика во Германија и другите европски земји, објавувајќи изјави на својата онлајн платформа „Х“, отворено поддржувајќи ја AфД.

Антимигрантската партија е на второто место во анкетите за парламентарните избори на 23-ти февруари со околу 20 отсто поддршка, зад конзервативната ЦДУ/ЦСУ, која ја поддржуваат околу 30 отсто од испитаниците.

Маск претходно го нарече социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц „луд и неспособен имбецил“, а претседателот Франк-Валтер Штајнмаер тиранин.

Поврзани вести