Skip to main content

Македонците во Брисел го чествуваа Божик

Во „Капелата за Европа“ во Брисел синоќа беше одржана Божиќна литургија со која Македонците што живеат од Белгија го чествуваа христијанскиот празник Рождество Христово – Божик.   

Со Литургијата богослужеше отец Жарко Ѓоргиевски, кој е назначен од митрополитот на Европската епархија на МПЦ-ОА, Пимен за активности на Црквата во Белгија и негување на македонската традиција и достоинствено чествување на православните празници.

Литургијата, која се одржа во организација на Македонската православна црковна општина „Св. Илија – Св. Архангел Михаил“ од Брисел, заврши со читање на Божиќното послание на поглаварот на МПЦ-ОП, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

Присутните верници имаа можност и да се причестат, а им беше поделена и осветена вода.

По Литургијата, во просториите на Капелата беше организирана и коктел закуска на која беа делени и мали погачици и во една од нив се наоѓаше паричка, со што беше одбележана уште една божиќна традиција.

Ова е втора година по ред како се одржува Божиќна литургија за Македонците во Брисел, по минатогодишната која беше организирана по пауза од четири години благодарение на ангажманот и залагањето на македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски.

Инаку, во понеделникот на Бадник, отец Ѓоргиевски одржа литургија и за Македонците во Луксембург.

Поврзани вести